Зеленило на сите страни, а труе миризба на ѓубре. Живеат во природа, а како да се на сред буниште. Вака изгледаат битолските села Мегленци и Арамтуш, кои се на чекор до несанитарната депонија „Мегленци“. Тоа е ѓубриштето каде со години од комуналниот смет се ослободуваат општините Битола, Могила и Новаци. Депонијата е на чекор до РЕК, па смрдеата се меша со непријатниот мирис од рудниците и оџаците на комбинатот и се шири низ околината.
Жителите од околните села се жалат на лоша миризба од која и преку лето не можат да ги отворат прозорците од куќите.
„Лош мирис, нечистотија. Се чувствува наутро многу“, вели Расим Ибраимов од Арматуш.
„Чувствуваме миризба. Наутро од РЕК, од битолското ѓубре, се чувствува лоша миризба. Загаденоста е голема. Дури во куќите ни влегува миризба, прозорците ни поцрнуваат од РЕК и од чадот од ѓубрето. Гори, а миризбата иди кај нас. Има и свињиште тука, се хранат, навечер газдата ги збира“, вели неговата соселанка Нурие Халимовска.
„Од депонијата Мегленци многу чувствуваме загадување. Штом дува јужен и западен ветер, многу смрди. Особено наутро, не се дише од што е загаден воздухот. Ѓубриштето години наназад се палеше, сега за среќа има неколку години не се пали, го покриваат со земја. Имаме и многу мака, дивина се бери и навечер напаѓа по стоката многу. Волци доаѓаат“, вели Митат Халимовски, жител на село Арматуш.
Од јавното претпријатие „Комуналец“ кое стопанисува со депонијата, велат дека од 58 депонии во Македонија скоро сите се несанитарни како и битолската. Додаваат дека со навремено третирање на сметот, во последните пет години нема самозапалување на ѓубрето.
„Веќе не се случува опожарување, од кое во воздухот се испуштаат канцерогени состојки. Дневно се депонираат по 80 тони комунален отпад, а на годишно ниво 25 илјади тони од правни и физички лица од Битола, Новаци и Могила. Отпадот се одлага вертикално, во висина од 12 метри, на еден метар далечина се развива температура од 40 до 50 степени целзиусови. Но, навремено го покриваме со земја за да не дојде до запалување“, вели директорот на ЈП „Комуналец“, Зоран Соклевски.
Тој додава дека ги преземаат сите мерки за животни да не се збираат на депонија.
„Поставивме стражарска служба, ја заградивме депонијата. Има злоупотреби, но стражарите тоа го пријавуваат во МВР и во инспекција, дали пријавите имаат епилог не знам, но преземаме сѐ што е во наша можност да се спречи неовластено влегување на депонијата. Свињи веќе не влегуваат, тоа е мината работа“, вели директорот Соклевски.
Веќе 16 години се договара отворање на регионална депонија каде би се збирал сметот од сите девет пелагониски општини и би се третирал според европски стандарди. Досега инвестицијата која се проценува дека ќе чини 25 милиони евра останаа само на хартија.