Достапни линкови

Еколошкиот план за Битола наликува на туристички водич


Депонијата во близина на Битола.
Депонијата во близина на Битола.

Наместо за животната средина во еколошкиот план на Битола има туристичка промоција. Екологијата не зависи од спомениците, но во планот пишува за архитектура, антички локалитети, цркви, џамии... А за најголем дел од загадувачите на воздухот, пак, нема податоци за последните пет години.

На туристички водич наликуваат делови од локалниот еколошки акционен план што Општина Битола го донесе деновиве. Иако квалитетот на животната средина не зависи од културно –историското наследство, планот содржи обемни информации за античкиот локалитет Хераклеа, старата архитектура, црквите, џамиите. Во него се опишува Хераклеа како епископско седиште, па Големата базилика како градба со монументални размери, се датира кога почнува и кога замира животот во античкиот град, кога се граделе црквите и слично.

Во делот кој се однесува на екологијата, посебно за воздухот, за најголемиот дел од загадувачките супстанции нема податоци за последните пет години.

Како што пишува во самата програма, оценката на концентрациите на азотен диоксид, сулфурен диоксид, јаглероден моноксид и озон е заснована на мерните податоци од периодот 2007-2011 година од двете мерни станици за квалитетот на воздухот во Битола. Само за честичките ПМ 10 понудени се податоци и од минатата година. Тие се посочуваат како најкритична загадувачка супстанца во Битола која ги надминуваат и дневните и годишните гранични вредности.

Квалитетот на Локалниот еколошки акционен план деновиве предизвика долга дискусија и во битолскиот Совет.

„Ваков методолошки пристап е збунувачки и апсолутно погрешен. Недоволни информации поврзани со животната средина. Нема алармантност, во тоа е проблемот. Што не се кажува географија, историографија, фактографија е 70 проценти од документот. Лошо поделени методолошки, мерките се недоволно јасни, прецизни. Овој документ не упатува на решенија кои треба веднаш да следат за да има операционалност“, рече Томе Наумов, советник од СДСМ.

Сашо Илиовски, координатор на планот, пак вели дека еколошкиот план е од суштинско значење.

„Планот како стратешки документ е од суштинско значење и ги идентификува актуелните состојби кои постојат во животната средина и усвојува краткорочни и долгорочни кои се значајни за заштита на здравјето на граѓаните. Главни цели се: проценка на состојбите на животната средина на локално ниво, идентификување на проблемите, развивање на стратегии и активности за намалување на ризиците по здравјето на луѓето и зголемување, а јавната свест и одговорност за заштита на животната средина“, вели Илиовски.

Во локалниот акционен план како најважен стационарен извор на емисија на отпадни гасови во близина на Битола се посочува термоелектраната РЕК.

Како проблеми со загадувањето се истакнуваат нецелосната покриеност на територијата на општината со услугата на собирање на комунален отпад, непостоењето катастар за отпад, санитарна депонија, постоењето на многу диви депонии.

Во изготвувањето на акциониот план покрај советници и инспектори за животна средина учествуваа и директор на библиотека, библиотекар, педагог, наставници по математика, информатика, учители и битолчани од други професии кои не се поврзани со животната средина.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG