Достапни линкови

Македонија треба да се подготви за претстојните сушни периоди


Архива - Нива со пченка.
Архива - Нива со пченка.

До 2100 година се очекува годишните суми на температури во Македонија да пораснат на ниво на суптропска клима, велат експерти. Тие посочуваат дека во оваа насока државната стратегија треба постојано да се обновува со новите сознанија и светските искуства.

Климатските промени ќе влијаат на зголемување на годишните просечни температури во Македонија, но ќе има и уште поголеми температурни варијации, вели професорот Ордан Чукалиев од Земјоделскиот факултет во Скопје. Во таа насока, додава тој, Македонија нема да биде класично суптропска земја, туку ќе се добијат такви суми на температури, поради покачувањето на температурите во летото.

„Доколку мислите на суптропска земја, односно појава на сума на температури кои карактеризираат суптропски подрачја, да, тоа ќе се случи особено во јужниот дел на Македонија. Некаде до 2100 година се очекува годишните суми на температури да пораснат на ниво на субтропска клима. Меѓутоа не можеме да зборуваме за суптропска клима, бидејќи не смееме да ја заборавиме варијабилноста. Кај нас зимите ќе останат и тие ќе бидат многу варијабилни, може да се случат топли зими, а можеме да очекуваме и многу ладни, кои ќе доведат до оштетување на сите оние суптропски култури“, вели Чукалиев.

Во однос на мерките за избегнување на сушните години, Чукалиев објаснува дека освен наводнувањето, треба да се направат подготовки за конзервација на вода во почвата, поставување на заштитни мрежи за намалување на сончевиот сјај и температурите во насадите, мерки за подобрување на кореновиот систем на растенијата и условите за нивни развој.

Чукалиев додава оти во Македонија одамна е сватено дека сушата е основниот проблем за земјоделското производство и заради тоа изградени се големи површини под системи за наводнување.

„Околу 120 илјади хектари се изградени, а се наводнувани 80 до 90 илјади хектари до крајот на осумдесеттите години. За жал, денеска наводнуваме едвај од 20 до 30 илјади хектари од изградените системи. Земјоделците полека ги напуштаат системите, бушат бунари во рамки на системите, поради тоа што не се задоволни од дистрибуцијата на вода што ја добиваат од водостопанските организации, но сакаат и да се прилагодат кон новите техники за наводнување капка по капка, што е многу добра мерка за избегнување на сушниот период“, вели тој.

Универзитетскиот професор во пензија, Борис Анакиев, вели дека за заштита на стопанството, земјоделството и луѓето од климатските промени, потребно е да се направат повеќе работи, а државната стратегија треба постојано да се обновува со новите сознанија и светските искуства.

„Треба да се одгледуваат наши стари раси на животни кои се прилагодени на полоши услови, да се применуваат соодветни агротехнички мерки во годината што се очекува, постојано да се бараат сорти отпорни на суша и кои се одгледуваат без вода. Такви акции мора да се пропагираат“, вели Анакиев.

Чукалиев посочува дека сушата, освен врз земјоделското производство, ќе влијае и на водоснабдувањето на населението со вода за пиење, намалување на природните количини на вода, бидејќи главното намалување на врнежите во Македонија се очекува да се случи после 2020 година.

Невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика, велат оти е факт дека климата се менува под влијание на човекот, а, според нив Македонија, во одредени периоди од годината ќе се соочи со екстремни ладни периоди, а од друга страна во лето ќе има екстремно топли периоди.

Тие наведуваат дека со тоа се губат годишните времиња и оти климата ќе се движи од топла кон ладна и од сува кон влажна, што не е својствено за континенталната клима, каква што има во Македонија.

Според истражувањето на Министерството за животна средина од јануари годинава за перцепција на климатските промени и нивото на свест, климатските промени се третата најсериозна закана за македонското општество, после сиромаштијата и економската ситуација.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG