Достапни линкови

Климатските промени не може да се спречат, но може да се забават


Архивска фотографија: АРМ ангажирана за помош на погодените од поплавите во Стајковци во август 2016 година
Архивска фотографија: АРМ ангажирана за помош на погодените од поплавите во Стајковци во август 2016 година

Климатските промени се третата најсериозна закана за македонското општество. Тие не може да се спречат, но може да се забават. Во последните пет години особено се чувствува промената на климата во Македонија.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 10 јуни годинава.

Ако доматот, до пред неколку години во Македонија растел нормално, сега не успева доколку не биде покриен со фолија. Ова е само еден пример како климатските промени влијаат врз животната средина. Факт е дека климата се менува и тоа се случува под влијание на човекот, велат од невладините организации кои се бават со оваа проблематика. Македонија според нив, во одредени периоди од годината ќе се соочи со екстремни ладни периоди, а од друга страна во лето ќе има екстремно топли периоди. Со тоа се губат годишните времиња и климата ќе се движи од топла кон ладна и од сува кон влажна, што не е својствено за континенталната клима, каква што имаме во Македонија.

Климатските промени третата најсериозна закана

После сиромаштијата и економската ситуација, климатските промени се третата најсериозна закана за македонското општество, според истражувањето на Министерството за животна средина од јануари годинава за перцепција на климатските промени и нивото на свест.

„Половина од испитаниците сметаат дека се информирани за различните влијанија и последици од климатските промени, и дека највидливи последици се екстремните температури и неправилностите во менувањето на годишните времиња и врнежите“, е наведено во истражувањето.

Македонија, тргна на добар пат во справувањето со климатските промени, кои не може да се спречат, туку може само да се забават, вели извршниот директор на невладината организација Милиеуконтакт, Игор Славкоски.

„Во Македонија се прават одредени активности. Она што е основно и прво што мора да се направи и да се работи на тоа поле е луѓето да ги препознаат климатските промени и да знаат дека тие се случуваат и влијаат директно на секојдневието. Многу луѓе се соочуваат со појави како елементарни непогоди кои не ги поврзуваат со климатските промени, меѓутоа се директно поврзани со климатските промени. Кога константно едно по друго се случуваат временски непогоди има некој надворешен фактор кој ги иницира или како што се појави кои не биле својствени за овој регион. На пример како што беа наглите поплави од никаде кои не биле својствени за овој регион. Имало врнежи, но од таков обем не е својствено за овој регион“, вели Славкоски.

И професорот Ордан Чукалиев од земјоделскиот факултет во Скопје смета дека Македонија напредува во справувањето со овој проблем. Мерки, според него има, но не се спроведуваат доволно. Она што е најголемиот проблем и она што се гледа како последица на климатските промени е зголемување на варијабилноста на екстремните појави, додава тој.

„Така што во Македонија вие можете многу лесно да ги воочите. На пример во последните години има мраз во средината на април. Досега беше верувањето дека мраз во Македонија после 15 април не се јавува, меѓутоа и минатата година и предминатата имавме појава на мраз на крајот од тој месец. Значи тоа е таа варијабилност, како и почестата појава на поплави, неколку години по ред во различни региони“, смета Чукалиев.

Богданци најпогодено од климатските промени

Милиеуконтакт, како што посочува Славкоски, работела со 14 општини на стратегија за справување со климатските промени. Спроведувањето на тие стратегии е започнато, а како позитивен пример, Славковски ја издвојува општината Богданци, која е најпогодена од климатските промени.

„Општините на локално ниво се многу посвесни дека климатските промени се случуваат затоа што директно ги чувствуваат последиците. Луѓето од Богданци, која беше една од првите општини која ја донесе стратегијата за климатски промени, заедно со нас им помогнавме во целиот процес знаат дека ако пред некоја година доматот си растел нормално во последно време не успева доколку не биде под фолија“, вели Славкоски.

Последиците, како што наведува Чукалиев, се особено видливи во земјоделието, а голем дел до граѓаните се свесни дека климата се менува.

„Меѓутоа не се свесни дека овие екстремни појави кои што ги гледаме сè почесто и почесто, се токму резултат на климатските промени Знаете сакаме да веруваме дека се случи. Ние уште пред десет години најавуваме поголема фреквенција на суши и поплави. Тоа е нешто што е најавено подолго време, но едно е да се стави на хартија, а друго е да се преземат мерки, кои се навистина скапи“, вели тој.

Чија должност е штитењето на животната средина?

Учесниците во истражувањето на Министерството за животна средина одговориле дека не се задоволни со обемот во кој органите, компаниите и индустријата, или дури и самите граѓани придонесуваат во борбата против климатските промени. Околу 34 проценти сметаат дека причината која спречува активности за заштита на животната средина и намалување на климатските промени е чувството дека тоа не е должност на граѓаните, туку должност на владата, компаниите и индустријата. Спротивно на ова, 61 отсто од испитаниците сметаат дека е должност на граѓаните да ја штитат животната средина.

„Овој наод покажува дека кај граѓаните се зголемува свеста за тоа како поединците можат да придонесат за ублажување на климатските промени“, е наведено во документот.

Климатски промени–трнлив пат кон поправање на грешките
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:08 0:00

САД се откажа од Парискиот договор

Климатските промени на Земјата се случувале и порано, но за прв пат тие најмногу се предизвикани од човекот. Токму првиот посериозен меѓународен обид да се спречи тоа, Парискиот договор за климата, најголемиот удар го доби од вториот најголем загадувач со штетни гасови во светот, Соединетите Држави.

Гоце Атанасов

Светот остро изреагира на одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече Соединетите држави од Парискиот договор. Некои тоа го оценија како сериозен удар врз напорите да се зачува планетата за идните генераци. Други пак, дека тоа е уште еден чекор кој ги оддалечува Соединетите Држави од водечката улога во светот.

Ен Карлсон, професорка на Калифорнискиот универзитет вели:

„Загрижувачки е за глобалната заедница да го гледа лулањето на позицијата на САД за климатските промени. И знаете повлекувањето на администрацијата на Трамп не само од Парискиот договор, туку и од Рамковната конвенција на ОН за климатските промени, тоа ќе и направи многу потешко на идната администрација да ја врати водечката улога“, вели Карлсон.

Парискиот договор е првиот законско обврзувачки глобален договор во борбата против климатските промени. Скоро сите земји сега засега го лимитираат испуштањето штетни гасови во атмосферата врз доброволна основа.

Даниел Свеин, климатски научник вели:

„Од перспектива на климата доведувањето на емисиите на јаглерод на нула до половината на веков ќе го ограничи растот на температурите на Земјата како и големото влијание врз климатските екстреми кои се поврзани со глобалното затоплување.“

Експертите, како Бил Коркоран, се согласуваат дека е неопходна итна акција токму од сегашните државници и политичари:

„Тие сите ќе бидат мртви кога нивните вистински влијанија врз промената на климата ќе ја погодат планетата и нашите и нивните деца ќе го носат тој товар.“

Некои сметаат дека запирањето на климатските промени ќе овозможи да се спречи веќе започнатата хуманитарна катастрофа, односно страдањето на милиони гладни луѓе поради големите суши во светот. Од друга страна, Парискиот договор, како што вели Тобијас Менчмаер од организацијата за заштита на животната околина „Гринпис“, носи извесни нови можности:

„Другите земји сфатија дека заштитата на климата креира многу работни места, бидејќи во сферата на обновливата енергија и на енергетската ефикасност можете да правите многу бизнис и да формирате многу компании.“

Според него, претседателот Трамп се уште го нема сфатено тоа и затоа ќе биде изолиран од светот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG