Достапни линкови

Климатските промени – закана за сите


Локалната стратегија за заштита од климатските промени е битен документ за локалните власти.

Значаен проект за климатските промени се реализира во 10 општини во Република Македонија со подршка на американската агенција за меѓународен развој – УСАИД. Оваа кампања се спроведува и во една од западните општини во земјава, Маврово-Ростуше. На последната активност во рамките на проектот, преку брошури и друг пропаганден материјал, локалното население во општина Маврово-Ростуше беше информирано за климатските промени што се случуваат во целиот свет, како и за негативните ефекти од овие промени во животната средина.

„Во соработка со општина Маврово Ростуше се изработи долгорочна стратегија за справување со климатските промени. Притоа се реализирани две многу битни мерки за подобро справување, но и ублажување на последиците од климатските промени. Општините треба да изнајдат начини за справување со климатските промени. На локално ниво од особена важност е вклучување на граѓанскиот сектор, како и на локалната самоуправа за реализација на активностите кои се внесени во локалната стратегија“, вели Радмила Славкова, координатор на проектот од организацијата Милеиконтакт.

Во општина Маврово-Ростуше веруваат дека проектот има големо значење за реализацијата на локалната стратегија за заштита од климатските промени, како и за спроведување на овие активности на локално ниво во општината.

„Од проектот на УСАИД за климатските промени имаме досега два бенефити. Тоа се изградба на фасада и покрив за енергетска ефикасност, додека втората е изградбата на потпорни ѕидови во близина на селото Присојница. Ерозивните терени и свлечиштата во овој регион се проблем, така што е многу добро што свлечиштето кај Присојница е веќе санирано. Стратегијата за климатски промени на локално ниво е битна за активностите кои се преземаат и кои ќе се преземаат на локално ниво“, истакнува Мукрем Мехмеди, градоначалник на општината.

Според него, локалната кампања има силна подршка од сите чинители на локално ниво. Локалната стратегија за заштита од климатските промени е битен документ за општината.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG