„Насилство во Центар“, „Траекторија“, „Тарифа“, „Сопот“, „Труст“, „Топлик“ и „Таргет-Тврдина“ се случаите на Специјалното јавно обвинителство за кои неделава има закажано судски рочишта. Тоа значи дека деновиве на суд ќе треба да се појават лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, поранешниот вицепремиерот Владимир Пешевски, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и други поранешни раководители и државни функционери.
Екс претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски вели дека сето ова изгледа како згусната агенда за предметите на Специјалното јавно обвинителство. Но, според него, тоа е така затоа што претходно имало задоцнување и како што вели заробување на правната држава.
„Оваа набиена агенда привидно личи како некој да ја одржува за да го фати последниот воз, меѓутоа сметам дека со тоа што се доцнеше сега се прави обид да се надомести“ вели Ивановски.
Тој нема впечаток дека сега особено се форсираат предметите, инсистирајќи дека тие требало и порано да бидат во судска процедура.
Кои се случаите?
Во предметот „Насилство во Центар“ се обвинети 14 лица за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општината во јуни 2013 година. Меѓу обвинетите се поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер Јанакиески и пратеничката Рангелова. Во овој случај вина веќе признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски.
Во случајот „Траекторија“ се обвинети Груевски, поранешниот вицепремиерот Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според СЈО, тие му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист. Осомничени се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.
Во случајот „Тарифа“ пак, се обвинети три лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – за потребите на АД ЕЛЕМ. Неделава ќе има судење и за предметот „Сопот“, кој е отворен во 2003 година. Овој предмет се однесува на загинувањето на двајца полски војници и еден македонски државјанин кога теренско возило на НАТО нагази на мина. Во овој случај десет лица се товарат дека во 2003 година подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево-Сопот.
На крајот на неделата се закажани рочишта за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица за учество на тендер на Електрани на Македонија со кој според обвинението со фалсификувани документи местеле тендери во вредност од 17 милиони евра.
Ново рочиште ќе има и за случајот „Топлик“ во кој осомничени се шест лица, меѓу кои и поранешниот министер Јанакиески за продажбата на градежна парцела за изградба на населбата Сончев град.
На крајот на неделава треба да се одржи рочиште за предметот „Таргет - Тврдина“ во кој се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во екстрадиционен притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
Долг е процесот на докажување на правдата
За случаите „Насилство во Центар“ и „Труст“ досега има одржано најмногу судски рочишта, а последно обвиненијата беа прифатени за предметите „Тарифа“ и „Траекторија“.
Ивановски вели дека со оглед на тоа дека рочиштата за дел од предметите веќе се во тек може да се очекуваат пресуди, а најлесно е додава за случаите во кои ќе се признае вината.
„Но, треба да се има предвид дека потоа има и жалбени постапки, па второстепен суд, па ревизии така што долг е процесот на докажување на правдата“ вели Ивановски.
ВМРО-ДПМНЕ пак, постојано тврди дека судовите и институциите се целосно затворени и како што велат работат под диктат на власта, а дека Специјалното јавно обвинителство е продолжена рака на СДСМ.