Во отсуство на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пратениците на пленарна седница во Собранието денеска го носат дополнетиот Предлог-буџет за 2018 година кој ќе тежи 3,4 милијарди евра, а ќе има буџетски дефицит од 2,7 проценти од Бруто домашниот производ.
ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работата на телата на Собранието по притворањето на шестмина пратеници кои се дел од опозициската коалиција, како и на останатите осомничени за случувањата во Парламентот на 27 април.
На расправата во Собранието во изминатите денови, власта тврдеше дека парите од новиот предлог буџет се насочуваат кон граѓаните и стопанството. Во аргументите против предложениот буџет, ВМРО-ДПМНЕ која има поднесено 204 амандмани, тврдеше дека приоритет на новиот буџет е богатењето и луксузирањето на владините функционери, а не доброто на граѓаните.
Во дополнетиот предлог-буџет се вградените шест амандмани прифатени во расправата во прво читање во собраниските комисии и со амандмани од Владата со кои се направени зголемувања на финансиските средства за гасификација во висина од 120 милиони денари, кај блок дотациите за градинки, основни и средни училишта и културни установи за 200 милиони денари, кај Фондот за здравство за 100 милиони денари и кај Инспекторатот за животна средина за 10 милиони денари. Вкупните приходи во Буџетот за 2018 година се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на оваа година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.
Министерот за финансии Драган Тевдовски вчера изјави дека смета оти треба да има конструктивна дебата и оти би требало во неа да учествува и опозицијата, зашто што, како што рече, буџетот е најсериозниот акт што се донесува во една година.
Главните критики на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беа и дека буџетот предвиден за следната година не покрива во голема мерка повеќе претходно започнати проекти кои требаше допрва да се зголемат.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така посочија дека новиот буџет не соодветствува на реалноста, а дека приходната страна е вештачки креирана. Според најголемата опозициска партија, ако прогресивното оданочување е планирано во 2019 година, тогаш прашање е како ќе се зголемат приходите кога, како што посочија, во изминатите неколку месеци ние имаме забавен раст на прибирање на приходите
Партијата БЕСА има поднесено 75 амандмани од кои најголем дел се однесуваат на повеќе пари и средства од буџетот за проекти во местата низ Македонија каде претежно живеат Албанци, за да има рамномерна и правична застапеност на сите даночни обврзници од кои се полни државната каса.
Предлог-буџетот предвидува вкупните приходи за наредната година да се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, а расходите за 4,1 проценти. Со предложениот документ, пари се предвидени за капитални инвестиции, за навремена и непречена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, поддршка на домашни компании...
Од даноци се планира да се соберат 114,979 милиони денари што е за 7,5 проценти повеќе од годинава. Од придонеси се очекуваат 55,403 милиони денари, односно за пет проценти повеќе од годинава. Ваквото зголемување е од очекуваното раздвижување на економијата, зголемување на вработеноста и на платите на вработените.
Со буџетот се планира намалување и на средствата за непродуктивни трошоци. Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17.463 милиони денари, или за 203 милиони денари помалку пари во однос на оваа година.
Во 2018 година државата планира да се задолжи вкупно 52,539 милијарди денари на домашниот и странскиот пазар. На домашниот пазар државата предвидува да се задолжи 17,7 милијарди денари, а на странскиот пазар 34,839 милијарди денари.
Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација 1,7 проценти.
Во изминатиот период премиерот Зоран Заев изјави дека новиот буџет е буџет за финансиска и економска стабилност на земјата и вети повеќе пари за повисоки плати во образованието, здравството, одбраната и детската заштита.