Македонската економија го надмина негативното влијание од неколкуте шокови во текот на цела една година како последица на политичката криза, но идната година не може да порасне повеќе од очекуваното, велат економистите. Предвидувањата се дека идната година ќе дојде до закрепнување, а во годините потоа може да се очекува позитивен тренд во економијата што би ја придвижило земјата напред.
Во последните три до четири месеци се чувствува раздвижување во економијата и тоа дава оптимизам за наредните година, вели економистот Фатмир Битиќи, но тој не ги споделува предвидувањата на Светската Банка, објавени деновиве, дека идната година економскиот раст ќе изнесува 3,2 отсто.
„Следната година нема да стигнеме над 3 отсто, ќе биде од 2,5 до 2,8 максимум, зашто предуслов е како ќе ја завршиме 2017. Дали реално ќе постигнеме 1,5 отсто раст или ќе биде под 1 процент, а тоа од економска гледна точка е стагнација, а не раст“, вели Битиќи.
Во изминатиот период министерот за финансии Тевдовски изјави дека е подобрена економската активност последните неколку месеци и оти е зголемена наплата на даноци и има побрз поврат на ДДВ за фирмите. Според него од јануари до сега, наплатата е зголемена за 4,7 проценти во однос на истиот период
Но Светска банка во својата прогноза што ја објави деновиве надолно ги ревидираше прогнозите за македонската економија, предвидувајќи дека македонскиот БДП годинава ќе оствари пораст од само 1,5 отсто, што е намалување во однос на априлската проекција кога предвидуваше пораст од 2,5 отсто. Нивниот заклучок е дека причината за значителното забавување на економскиот раст годинава во земјава се должи на политичката криза која негативно се одрази врз инвестициите.
Прогнозите за процент на растот се во рацете на институциите, а не на поединци, вели универзитетскиот професор и поранешен гувернер на централната банка Љубе Трпески.
Според него, предвидувањата на експертите на Светската Банка се релевантни зашто детално ја следат секоја земја, но, тој нагласи и дека не е можен економски развој без стабилност.
„Економијата полека се стабилизира и ако продолжи стабилниот политички амбиент очекувам повисок раст наредната година особено ако се случат овие надежи околу НАТО и преговорите со ЕУ тогаш ќе биде многу поголема можноста за влегување на странските инвестиции зашто странските инвеститори одат таму каде што меѓународни фактори има кажуваат дека е стабилен тој регион“, изјави Трпески.
Проектирaниот раст за 2018 е 3,2 проценти. Според Битиќи тоа тешко ќе се оствари. Како што укажува тој, ќе биде неопходно сите предвидени капитални инвестиции да се реализираат.
„Тоа што ние го имавме во изминатите години како репер беше 60 проценти од предвидените капитални инвестиции. Се надевам дека 2018 ќе одиме на 90 и повеќе проценти и тоа може да биде импулс за самата економија. Има и мерки на Владата кои може малку ќе ја потпомогнат економската ситуација, но ќе бидеме далеку од тоа економијата сама да го носи економскиот раст“, вели Битиќи.
Со разрешувањето на политичката криза, како што деновиве објави Светската банка, главниот ризик со кој се соочува Македонија е поврзан со фискалната страна која може да ја загрози макроекономската стабилност и да ги подрие изгледите за раст. Во извештајот се потенцира дека притисоците доаѓаат од високиот дефицит кој главно се должи на ниските приходи, сè поголемиот дефицит во пензискиот систем, повисоките плаќања на камати, како и акумулирање на заостанатите обврски.
Инаку претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска во Парламентот има средба со извршниот директор на Светска банка од Вашингтон Франк Хеемскерк.
Во Собранието за утре пак, се одложи седница на Комисијата за финансирање и буџет на која треба да продолжи расправата по Предлог-буџетот за 2018 година.
Според парламетнарното мнозинство, предложеникот буџет е граѓански, креиран на реални проекции и со него почнува со финансиска и економска стабилизација, а за опозицијата буџетот не е реален и реформски.
По предложениот текст има поднесено вкупно 279 амандмани.