Достапни линкови

Економскиот раст лебди, неопходни се инвестиции


Министерство за финансии
Министерство за финансии

Економските експерти не се оптимисти дека проекцијата за стапката на раст на Бруто домашниот производ од 2,5 проценти до крајот на годината е реална. Според дел од нив, оваа прогноза во октомврискиот извештај на Светскиот економски преглед на Меѓународниот монетарен фонд, нема да биде остварена.

Во услови кога економијата која излезе од една голема политичка криза се уште е климава и не е стабилна, неблагодарно е да се каже колкав ќе биде растот до крајот на годината, иако претпоставувам дека тој би се движел околу 2 проценти, вели професорот Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје.

„Ако ги анализираме податоците можеме да видиме дека генерално инвестициите се намалуваат, иако потрошувачката се уште е отпорна на овој надолен тренд. Веќе два квартали имаме намалени инвестиции, во кои доминантен дел зафаќаат и јавните инвестиции, вели Треновски, додавајќи:

„За да има една земја одржлив економски раст и силна економија, структурата на истата треба да обезбеди таква основа во која ќе има континуиран раст на инвестициите, а водечка улога треба да имаат приватните. Кај нас се покажа дека ако запрат или почнат да се намалуваат јавните инвестиции и вработувањата во јавниот сектор имаме големи ефекти врз економијата, а тоа покажува дека истата е зависна во определен дел од државата и дека приватните инвестиции во иднина треба да бидат позначајни и посилни“, вели професорот Треновски.

Уште една компонента поради која не може со сигурност да прогнозираме колкав ќе биде растот е тоа што власта се уште јасно не ги дефинира економските политики и реформи кои ги имаше најавено, што дополнително придонесува за неизвесноста во која функционира приватниот сектор, посочува Треновски.

„Тука ја имаме „равенката” со неколку непознати, која во моментот ја има бизнис секторот. Имавме политичка криза, имаше несигурност, имаше промена на власта, но се уште власта јасно не ги исцрта линиите какви економски политики ќе води во иднина. Се зборуваше за реформи во даночната политика, социјалната сфера, за нови концепти во политиката на инвестиции, меѓутоа се уште се елаборира генералната рамка со определени исклучоци, додека конкретните мерки и реформи не се исцртани, а за нивните ефекти е се уште рано да се зборува", изјави Треновски.

Тој додава дека се чекаат покрупните реформи во економската и финансиската и социјалната сфера.

„Тие реформи се разбира ќе имаат ефект и врз бизнис секторот и фирмите, што придонесува истите се уште да се воздржани и во исчекување. Се разбира тука свој ефект имаат ефектите како инерција на политичката криза и глобалните придвижувања, меѓутоа структурните промени и создавање плодна почва за приватниот сектор и иницијатива, притоа водејќи сметка за општата благосостојба се неприкосновени за долгорочен одржлив економски раст на земјата“, вели Треновски.

Од друга страна пак, политичките елити се во исчекување поради претстојните локални избори и одразот на евентуалните мерки кај гласачкото тело. Експертите посочуваат дека важни за растот се и странските инвестиции, а влијанието на надворешните фактори исто така може да биде пресудно.

Имајќи предвид дека првите два квартали од годинава бројките беа лоши, растот би можеле да го очекуваме дури следната година, се согласува и економскиот аналитичар Арбен Халили.

„Нашата земја беше соочена со длабока политичка криза, која не можеше да се помине без подлабоки економски последици врз фирмите и целокупната економска слика. Имајќи ги предвид статистичките податоци, очигледни е дека и тие 2, 5 проценти нема да можат да се остварат до крајот на годината“, вели Халили.

Халили вели дека опасност од рецесија нема, иако првите две тримесечија од годината беа со неповолни бројки. Стапката на раст на Бруто-домашниот производ за првото тримесечје од 2017 година е 0.0%, а во второто тримесечије таа изнесуваше -1, 8 проценти. За подобрување на сликата, Халили смета дека е потребно да се преземат „поагресивни“ мерки за економска консолидација.

„Потребна е директна поддршка на самите компании, бидејќи тие се двигателот за економскиот раст на државата. Од друга страна ќе требаат поконкретни и подисциплински мерки за самата државата, вели Халили, додавајќи:

„Обврзувачката мерка компаниите да си ги наплаќаат долговите, да важи исто и за државата, таа да не биде изземена од наплаќање на долговите кон компаниите понекогаш и по една година. Одолгoвлекувањето подразбира помалку ликвидни средства за самите компании и помалку директни активности на самата компанија и стопанството и нормално тоа на крај се одразува на самата компанија“, предупредува Халили.

Во извештајот на ММФ меѓудругото пишува дека инфлацијата во Македонија се очекува да се одржи на 1,7% до крајот на годината. Актуелниот дефицит се предвудува да биде 2,3 отсто од Бруто-домашниот производ, а во 2018-та се очекува да се зголеми на 2,5%. Од соседите во регионот, Босна и Херцеговина и Македонија се на дното со 2,5 проценти предвиден економски раст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG