Приоритетни цели на новата владина економска политика за индустриски развој се раст на приватните странски и домашни инвестиции, зголемување на вработеноста, пораст на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионална деловна поврзаност, пораст на материјалната благосостојба на граѓаните и зголемување на Бруто домашниот производ, изјави премиерот Зоран Заев, најавувајќи ги мерките за поддршка во чии фокус, како што рече, се ставени и малите и средните претпријатија како двигател на економијата.
„Во реализацијата на оваа нова стратегија за раст на економијата и за подобар стандард на граѓаните, свесни сме дека вложуваме пари на граѓаните, тие се акционери во оваа иницијатива, нив треба да им ги испорачаме резултатите коишто ги очекуваат. Резултатите ќе ги оствариме доколку ги оствариме приоритетните цели на новата економска политика на Владата за индустриски развој на Република Македонија“, рече Заев.
Тој додаде дека на инвестициите за унапредувањето на патната, железничката и енергетската инфраструктура треба да се гледа како на вложувања кои ќе се вратат со поголеми придобивки за бизнис заедницата и граѓаните.
Вицепремиерот Анѓушев наведе дека мерките се поделени во три групи: првата група се мерки за поддршка на целата економија, односно кои ги опфаќаат сите економски субјекти, втората се мерки за извозно ориентирани компании за дополнителна стимулација на извозот, а третата група мерки се насочени кон малите и средните претпријатија.
„Оваа програма е максимално транспарентна и ориентирана кон резултатите. Тоа значи дека ќе бидат поддржани оние компании и економски субјекти кои ќе испорачаат резултати. Тие по завршувањето на фискалната година и по предавањето на завршната сметка ќе мораат да аплицираат за програмата само ако покажат раст во приходите и доколку немаат намалување во бројот на вработени. Програмата нема да важи за компаниите што веќе били бенефицирани“, вели тој.
Критериумите за финансиска поддршка за новите странски директни инвестиции и домашни компании кои ќе инвестираат во нови „Гринфилд“ и „Браунфилд“ инвестиции, вели Анѓушев, се креирање на нови работни места, односно компанијата која ќе отвори нови работни места ќе биде поддржана ако даде плата 50 отсто повисока од минималната плата во земјата.
Исто така предвидена е мерка за високоплатените кадри да не заминуваат од државата, односно компанијата која ќе даде двојно повисока од просечната плата во земјата ќе и бидат вратени 20 отсто од платата.
Анѓушев ги образложи и останатите мерки: за зголемување на соработката на македонските компании со странските, како и мерката за формирање на развојни центри.
Заев и Анѓушев рекоа дека драфт верзијата на програмата ќе биде ставена на јавно разгледувањево во сите институции во државата, кои ќе можат да ја критикуваат и за да може потоа да се направат корекции.