Достапни линкови

Можен натамошен пад на македонската економија


Министерот за финансии Драган Тевдовски со високи претставници од Светска банка
Министерот за финансии Драган Тевдовски со високи претставници од Светска банка

Потребна е детална и сериозна анализа на последните предвидувања на Светска банка за намалување на економскиот раст на Македонија, велат експерти.

Економските активности во Македонија поради политичката состојба и натаму се недефинирани на национално и на локално ниво и затоа е можно и натаму да има намалување на економскиот раст, коментираат експерти по најновите проекции на Светската банка за растот на македонската економија во 2017 година.

Според податоците на Светска банка во извештајот „Миграција и мобилност“, Бруто домашниот производ (БДП) годинава ќе оствари раст од 1,5 проценти, следната година 3,2 проценти, а во 2019 година 3,9 проценти.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи на Македонија Миле Бошков смета дека во моментов не може да се предвиди колку компаниите ќе влегуваат во нови активности, особено, како што вели, поради недостаток на сеопфатни податоци за економските активности генерално“, вели Бошков.

„Поттикнувањето на поголеми економски активности секогаш е поврзано со социо-економските активности во општеството и доколку во бизнисот почувствува сигурност за подобра социо-економска политика, подобра политичка стабилност, отворање на нови хоризонти за правење бизнис, тогаш веќе може да се очекува поголем раст или поголема економска активност“, вели Бошков.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека податоците на Светска банка треба да се гледаат од два аспекти: влијанието на годинешниот економски раст врз годините што претстојат и од аспект на буџетската потрошувачка.

„Треба да се направи анализа кои се гранките кои влиаеја за намалување на економскиот раст и кои се причините. Ако се тие од моментален карактер, односно со краток временски период, како политичките случувања или одредени движења на светскиот пазар на метали, тогаш тој нема да има долгорочно влијание. Од аспект на буџетската потрошувачка може да се каже дека ова е краток период до крајот на годината за да има суштински поместувања. Во овој период само треба да се прилагоди буџетската потрошувачка во рамките на предвидениот раст“, вели Најдовски.

Сепак тој потенцира дека на последните проценки на Светска банка треба да се гледа сериозно и да се направи детална анализа.

„Доколку причините се од долгорочна природа, тогаш ќе мора да се преземат одредени мерки од страна на Владата за да се поттикне економскиот развој, сепак не треба многу избрзана реакција“, вели Најдовски.

Според Светска банка влијание на ваквите очекувања за раст од 1,5 проценти имала политичката нестабилност во првата половина од годината, а главни двигатели на растот се очекува да биде потрошувачката, поттикната од зголемувањето на вработувањата и инвестициите.

Минатиот месец и мисијата на Меѓународниот монетарен фонд спроведе годишен преглед на македонската економија, во кој наведе очекува по забавување на реалниот раст на БДП до 1,9 отсто во 2017 година.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG