Достапни линкови

Почнуваат непопуларни мерки за полнење на буџетот


Илустрација: Луѓе се движат покрај тезги на пазар.
Илустрација: Луѓе се движат покрај тезги на пазар.

Дизелот поскапува за 3,5 денари, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски на јавна дебата за предлог- буџетот за в година. Од 1 јануари ќе се зголемат и дел од сметките за вода. Граѓаните реагираат дека почнуваат владините непопуларни мерки. Други велат дека мерките се економски нужни.

Од Нова година дизелот поскапува за 3,5 денари, а се планира зголемување и на дел од сметките за вода. Граѓаните реагираат дека со ова почнуваат владините непопуларни мерки кои ќе се одразат врз нивните буџети. Има и такви кои оценуваат дека мерките се непопуларни, но оти економски се нужни.

Најавите дека од идната година ќе има повисока акциза за дизелот, мазутот и за екстра лесното масло за домаќинство се израз на потребата да се намали употребата на дизел горивата, вели еден жител на Скопје.

„Не се непопуларни, ако е точно тоа дека нафтата е најевтина во Македонија треба да се изедначат цените. Автомобилите се купуваат на запад и истите ги возиме тука. Што имаме сега низок стандард, тоа е друго. Мислам дека единствено во Македонија од цената од бензинот има одвојување за лекување на децата со пречки. Нафтата во цел свет поскапува зашто во цел свет има најави дека нафтата ќе се укинува. Кај нас што ќе правиме понатаму не знам? Нафтата кај нас е неквалитетна, со сулфур, никој не презема мерки“, вели еден граѓанин.

Дел од економистите кои не даваат поддршка буџетот да се полни со повисоки акцизи истакнуваат дека мерката не е социјално избалансирана и со неа нема да бидат заштитени луѓето со ниски примања. Економистот Висар Адеми укажува дека освен што ќе се зголемат трошоците на секое семејство кое има дизел автомобил, ќе се покачат и цените на други производи, зашто најголем дел од земјоделците и компаниите користат нафта за транспорт и производство на нивните производи. Од друга страна, за жал нема да има големи даночни промени во 2018 година, бидејќи тие се очекува да почнат да се реализираат од 2019, истакнува Адеми.

„За државата тоа може да е економски нужно, но за нивната филозофија на социјална еднаквост тоа е катастрофа. Главната порака на СДСМ во предизборието беа прогресивни даноци што подразбира тие што имаат поголеми примања да плаќаат повисоки даноци. Но, од друга страна, поскапувањето на акцизите е малку симптоматично зашто наместо да се намалат тие давачки, тие поскапуваат. Тоа ќе удри врз џебот и ќе ја намали куповната моќ на граѓаните. Зголемувањето на акцизите и другите давачки е во спротивност со нивните ветувања во предизборието“, вели Адеми.

Но, освен поскапување на дизелот, буџетот носи и повеќе пари за плати. Во новиот буџет се планира државата следната година да потроши повеќе пари за плати во одбраната, здравството и образованието, односно зголемување на основицата за придонеси од 12 просечни плати на 16 за оние со повисоки плати, а за пензии предвидени се 2,1 милијарди денари повеќе од годинава. Од друга страна, од Нова година дел од граѓаните ќе пијат поскапа вода. Нивните сметки ќе пораснат, но не смеат да надминат повеќе од 3 отсто од семејниот буџет. Регулаторната комисија до 15-ти месецов ќе го постави максимумот до кој можат да се движат цените.

Граѓаните имаат различни размислувања за владините мерки.

„Регулаторното тело да води сметка како се трошат парите од луѓето што се собираат. Ако пред седум години се покачи водата во Скопје за да се променат азбестните цевки, а не се променија, се направија барокни згради, а цените останаа исти. И што направивме? Ако се покачува цената на водата да ми го зголемат и квалитетот.“

„Сигурно дека се непопуларни и ќе се одрази врз грбот на граѓаните.“

„Почнуваат со непопуларни мерки, не се оправдани за нас зашто ветуваа повисоки плати. Почнаа веднаш со поскапување на нафтата.“

„Прво треба да почнат да работат па да видиме што прават, а тие сите се препукуваат овој украл оној украл, а никој не кажа кој украл, е тоа ме нервира.“

„За нафтата е оправдано, нафтата загадува. Нека ја покачуваат, тоа е оправдано, возила на нафта многу загадуваат.“

„Требаше со жената да земеме по 500 денари, а сега земавме по 100 до 200 денари. И тие ќе ни ги земаат на друг начин, за пензиите зборувам“, велат анкетираните граѓани.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG