Достапни линкови

Сè поскапува, никој не реагира


И покрај поскапувањата на основните животни потреби, граѓаните не реагираат. Општеството е партизирано во свеста, вели професор Илија Ацески.

Од денеска струјата за македонските граѓани ќе поскапи за 3,5 проценти, што според нивните изјави, е висок процент на и онака ниските примања и секојдневни поскапувања.

Луѓево се навикнаа, 50 отсто се партиски определени и 20 отсто да е поскапувањето ќе го прифатат, а другите кој ги прашува.
Анкетиран граѓанин.

„Па за 300 киловати има 600 денари поскапување. Тоа е многу за едно семејство.“

„Ова си оди секојдневно и тешко се стигнува. Луѓево се навикнаа, 50 отсто се партиски определени и 20 отсто да е поскапувањето ќе го прифатат, а другите кој ги прашува“, велат анкетираните граѓани.

Дел од нив секојдневицата ја планираат според филозофијата има и полошо.

Кога владее ваква сиромаштија во Република Македонија, не 3,5, туку и полови процент влијае врз домашниот буџет, бидејќи граѓаните сè помалку имаат можност да си ги платат сметките.
Александар Гочев, граѓанска иницијатива АМАН.

„Се чувствува, ама едно ќе скратиш, друго ќе си дозволиш и така“, вели една граѓанка.

Најавеното поскапување не е мала ставка и далеку помала би била тешко издржлива, посочува Александар Гочев од граѓанската иницијатива АМАН.

„Кога владее ваква сиромаштија во Република Македонија, не 3,5, туку и полови процент влијае врз домашниот буџет, бидејќи граѓаните сè помалку имаат можност да си ги платат сметките“, вели тој.

Или тоа на некој начин е режирано од владејачките структури или е режирано од опозицијата, но во секој случај партизацијата, ако може така да се изразам, на свеста е до тој степен што нема простор за граѓански иницијативи.
Илија Ацески, универзитетски професор.

Од поскапувањето на струјата ќе бидат погодени и до 150.000 семејства, е проценката на Гочев.

Рано е да се каже, вели Гочев, дали ова ќе предизвика нов бран на револт кај граѓаните од кои ќе произлезе и некоја граѓанска акција, но додава и дека активностите на АМАН завршиле со предавањето на потписите од граѓаните до Собранието минатата година. АМАН тогаш побара измени во законот за енергетика и враќање на евтината дневна тарифа.

Делува како во Македонија да е исцрпена онаа енергија која произлегува од социјалните неправди и затоа недостасуваат реакции и од граѓаните и од граѓанските асоцијации, посочува професор Илија Ацески. На тоа може да делува партиското влијание врз граѓанскиот сектор, но и психолошката матрица кај граѓаните, според која нивната поединечна акција не менува многу во општите сосотојби, посочува Ацески.

„Или тоа на некој начин е режирано од владејачките структури или е режирано од опозицијата, но во секој случај партизацијата, ако може така да се изразам, на свеста е до тој степен што нема простор за граѓански иницијативи“, вели Ацески.

Од 25 до 30 проценти од населението не може да се справи ниту со најмали поскапувања бидејќи живее во сиромаштија, додава Ацески, но она што со поскапувањата се потенцира е социјалната неправда или и онака големиот и карактеристичен јаз меѓу богатите и сиромашните во земјава, што во своите анализи го забележа и Светската банка. Освен тоа, вели Ацески, состојбата ја влошува и злоупотребата во сферата на социјалната политика или тоа што властите ја прикажуваат секоја помош како свој придонес, а не буџетски трошок и бараат гласови за возврат.

XS
SM
MD
LG