Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ нерешителна за враќање во Собранието


Архивска фотографија-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дел од пратеничката група пред Собранието на Македонија.
Архивска фотографија-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дел од пратеничката група пред Собранието на Македонија.

Иако вчера беше најавено дека денеска ќе ја соопштат одлуката дали пратениците ќе се вратат во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека решиле во наредниот период да ги дефинираат чекорите.

ВМРО-ДПМНЕ не донесе одлука дали пратениците ќе се вратат во Собранието. Во партиското соопштение се наведува дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на координацијата одлучила во наредниов период да ги дефинира чекорите за натамошно делување.

„Одговорност на власта, односно мнозинството на СДСМ е да обезбеди нормално функционирање на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Република Македонија може да напредува само доколку законодавниот дом функционира во демократска атмосфера каде што ќе бидат создадени услови за учество на опозицијата и нејзино партиципирање во носењето на законите“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Одлуката за натамошните чекори за денеска ја најави вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. По синоќешната средба со премиерот Зоран Заев во Владата тој рече дека дополнително ќе се одлучува дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во Собранието откако ќе одржат состанок со пратеничката група.

Пратениците од опозициската партија не одат на собраниските седници по апсењето на шесте нивни колеги, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, други лица поврзани со иницијативата „За заедничка Македонија“, поранешни државни функционери. Првпат по настаните од крајот на ноември во Собранието се вратија вчера, за да го проследат годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.

Новиот лидер, Мицкоски кој не е пратеник, пред зградата на Собранието заедно со пратеничка група зад него даде изјава оценувајќи го позитивно говорот, но меѓу пратениците ги немаше двајцата истакнати кадри на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Антонијо Милошоски и други потписници на писмото. Тие, минатата недела се спротиставија на партиското раководство, побараа одложување на Конгресот за избор на лидер, но по изборот одлучија да не даваат изјави во јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата по изборите лани во декември во Собранието влезе со 50 пратеници. Од нив 42 се од ВМРО-ДПМНЕ, еден од двајцата пратеници од ГРОМ, Чедомир Саздовски, веќе го извести претседателот на Собранието дека ќе дејствува самостојно, другиот Панчо Минов, се појави во парламентот додека најголемата опозициска партија бојкотираше, а и Амди Бајрам од Сојуз на Ромите соопшти дека ја напушта коалицијата.

Од 42-та пратеника на ВМРО-ДПМНЕ, 12 беа потпишани на писмото со кое се бараше одложување на конгресот поради фаворизирање на како што наведоа, еден кандидат. Во Валандово пристигнаа и дел од потписниците на писмото, но Милошоски, Димовски не дојдоа, а ги немаше и поранешните министри како Никола Попоски, Никола Тодоров, Зоран Ставрески и други.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG