Си го стави Грујо својот човек на чело на партијата, а со тоа си го смести во скут и ќе го префрла те на лева, те на десна страна, што значи дека Грујо и понатаму ќе си ги држи конците, а тоа значи целосна пропаст на ВМРО-ДПМНЕ – констатира и предвидува Зеко Демировиќ како реакција на изборот на Христијан Мицкоски за нов претседател на партијата. Роберт Петревски потсетува: „Со кој памет новиот, па овој ги спроведуваше криминалите во ЕЛЕМ и е демек нов претседател. Кој верува во оваа пародија на Груевски?“ И другите коментари на ФБ страницата на РСЕ, со некои исклучоци, се во овој стил. Македонка Брчков реагира на тоа што се гласало само за еден кандидат: „Ако изгласаа против Мицкоски, кој ќе беше другиот кандидат???“ – се исчудува Македонка. Живко Чавдаров како да е информиран: „Свиркач од непосредното опкружување на Груевски кажал дека од СЈО пред три дена до Штабот на партијата се доставени нови ’БОМБИ‘ за извршени тешки криминални дејанија наменети за кандидатите МИЛЕНИЦИ на Груевски кои тој ги сакал за негови заменици. Ете затоа е избран Христијан како единствен кандидат за кого СЈО немало компромитирачки материјали“ – пишува Живко Чавдаров.
Зборовите на Груевски од неговото обраќање на Конгресот на партијата дека мандатот го завршува со „повеќе ножиња в грб“ Марина Захариева ги искоментирала вака: „И нас нè болеше, а тебе не те интересираше“. Зора Симоноска го потсетува директно Груевски: „Ти како дојде на власт. Се сеќаваш ли на кого заби НОЖ во грб“.
Соопштението на СДСМ во кое го повикува новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност спрема народот, во повеќе постови и коментари се прифаќа главно со потсмев. Весна Крстевска се смее: „Вие зборувате за одговорност, не ми се верува, хахаха“. Сашко Ноце, пак, прашува што знае СДСМ за одговорност. „Сè што имаме сакате да уништите“, вели, „за да изградите не умеете“.
Неделното интервју на нашево Радио со британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет предизвика еден куп негативни коментари. „Што ви е гајле за МК кога вие избегавте од Европа“, кратко постирал Митко Томов, а Пале Алексиќ коментира: „Тоа е маката што имаме вакви пријатели како вас. Вие сте најголеми историски поддржувачи на Грција и заради вас страдаме со децении“ и така натаму и така натаму, главно сè во овој стил коментираат фановите на РСЕ по интервјуто на амбасадорот Гарет.