Најитно да се пронајдат виновниците кои дозволиле да се донесе печката за согорување медицински отпад, која е опасна по здравјето на граѓаните, порачуваат екологисти по написите во британските весници за токсична печка во Македонија. По обелоденувањето на информацијата дека на Дрисла со години печката активно работи, Кирил Ристевски од Флорозон најави дека во наредниот период поорганизирано ќе вршат притисок врз властите за да се реши проблемот.
„Фрапира податокот дека институциите практично дозволиле да се донесе печка, која не ги задоволува потребните критериуми и стандардите. Самото тоа укажува на потенцијална спрега меѓу бизнис интересите и актуелната политиката. Треба да се види што стои зад приказната и кој дозволил влез на опрема која не ги задоволува стандардите за здрава средина“, вели Ристевски.
Од Министерството за животна средина потврдија дека инсенераторот за горење медицински отпад во депонијата Дрисла, пред повеќе од 16 години како хуманитарна помош и бил доделен на Македонија од страна на британската Влада, дека ги прекршува стандардите на ЕУ, и оти се уште е во употреба во депонијата.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање рекоа оти се свесни дека инсинераторот не ги исполнува стандардите кои се очекуваат, наведувајќи дека е планирано да се постави нов. Новата печка треба да се набави до април годинава. Во меѓувреме Дрисла во најкус можен рок треба да набави воден филтер за постоечката печка, која не ги исполнувал еколошките стандарди. Од Град Скопје наведоа дека ја очекуваат одлуката на Уставниот суд за да се затворат прашањата околу понатамошното стопанисување со депонијата. Од Градот и од Министерството тврдат дека од 2013 до 2017 нема увезено медицински отпад од странство во Македонија.
Екологисти велат дека треба да се разгледува и можноста за одземање на концесијата за натамошно стопанисување со депонијата. Ристевски најавува дека во наредниот период ќе излезат со конкретни предлози, како и интензивирање на еколошките притисоци за решавање на проблемот, но и утврдување одговорност.
„Нема простор за чекање, зашто самата состојба е алармантна. Не треба повеќе ништо да се чека и тука граѓанскиот сектор да застане на нозе и да изврши адекватен притисок врз властите за решавање на овој проблем“, вели Ристeвски.
На социјалните мрежи загрижени граѓани за квалитетот на воздухот во Скопје масовно споделуваа текст на британскиот весник „Гардијан“ напишан во 2001 година под наслов „Велика Британија со токсичен подарок за Балканот“, во кој се вели дека инсинераторот и бил доделен на Македонија од британската Влада и би бил нелегален во Британија, а доколку Македонија се приклучи во ЕУ, инсинераторот ќе мора да се отстрани, бидејќи е опасност за локалните жители и ги прекршува стандардите на ЕУ.
Екологисти велат дека има повеќе начини да се пронајдат виновниците кои дозволиле да се донесе печката.
„Да посочам кон Собранието да повика надзорна расправа и да ги повика челниците на Министерството за животна средина, инспекторатите и Министерството за економија. Да се види зошто е дозволено да се внесе таа опрема, да се види отпадот од каде доаѓа, дали содржи токсични материи... Тоа прашање е комплексно и треба да се направи поширока анализа за да се постапи“, вели Ристовски.
Податоците на Ристевски говорат дека печката за согорување на медицински отпад на депонијата Дрисла која се наоѓа на периферијата на Скопје активно работи од 2005 или 2007 година.