Достапни линкови

Со казни и непопуларни мерки против високата загаденост


Загаден воздух во Скопје. 14.12.2017
Загаден воздух во Скопје. 14.12.2017

Краткорочните мерки можат да ја ублажат, но не можат да ја санираат состојбата со загадениот воздух, затоа треба да се води борба која мора да е системска и перманентна, вели градоначалникот на Скопје Шилегов. Време е за мерки кои нема да бидат популарни, сметаат дел од еколошките организации.

Во деновите кога Скопје се искачи на првото место на скалата на најзагадени градови во светот, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека борбата против аерозагадувањето не може да се реши со стискање на едно копче. Во неделното интервју за Радио Слободна Европа тој тврди дека градот презема мерки во насока на намалување на аерозагадувањето. Во низата мерки кои се преземени во изминатите два месеца ги набројува забраната на сообраќај за Водно, дуплирање на бројот на корисници на пелети, акцијата за чистење на градот, засадени 640 повеќегодишни дрва во Лисиче, отворање на кол центар за пријавување палење на оган на отворено, инспекција и парична казна за Дрисла, како и забрана за работа на акцелераторот во деновите на висока загаденост на воздухот.

„Таа борба не е борба која можете да ја добиете со стискање на копче. Краткорочните мерки можат да ја ублажат, но не можат да ја санираат состојбата и да доведат до драматично подобрување на состојбата и со животната средина и со амбиенталниот воздух. Станува збор за борба која мора да е системска и перманентна. Во Скопје за жал, никој досега не се занимавал со оваа проблематика на еден системски начин, со систематско решавање на проблемите“, вели градоначалникот Шилегов во интервјуто.

Дел од еколошките организации, пак, мерките ги оквалификуваа како смешни и несериозни. Потребни се мерки кои нема да бидат популарни, но време е таквите мерки да се имплементираат, бидејќи на подолг рок истите ќе дадат добри резултати, а граѓаните ќе дишат почист воздух, вели Елена Николоска од невладината Еко-свест.

„Потребни се почести контроли на инспекторатот за животна средина и на комуналните инспектори, да видиме казнување на индустриски капацитети коишто ќе бидат фатени дека не ги почитуваат дозволите коишто ги имаат добиено, да видиме казнување за граѓани и фирми коишто горат отпад и прават нешто што е надвор од нивната дозволена дејност. И конечно да видиме волја дека имаме желба да го решаваме загадувањето и да примениме мерки од коишто нема да бидат среќни и задоволни сите“, вели Николоска.

Во скалата на најголемите причинители на загадувањето во Скопје, студијата на УНДП ги вбројува: затоплувањето на домаќинствата, индустриските капацитети и сообраќајот. Николоска вели дека и во таа насока може да се преземат следните мерки:

„Тоа што секој од нас може да го направи е да престанеме да се возиме секој сам во автомобил, да користиме јавен транспорт, градот да обезбеди повеќе јавен транспорт и мултимоделен јавен транспорт за луѓето, ако имаме кратки дестинации да се обидеме пеш да ги поминеме, сега тоа е неблагодарно да се бара во услови на голема загаденост, меѓутоа ако секој од нас внимава на секојдневните навики и да се обидеме да ги направиме, малку да излеземе од зоната на комфорот и ако тоа значи дишење на почист воздух, дали би го направиле?“, прашува Николоска.

Алармантната загаденост на главниот град беше и причина за препукување меѓу американската и руската амбасада во Скопје. Откако на твитер американската амбасада побара идеи од граѓаните за намалување на аерозагадувањето, руската и одговори дека проектот Турски тек е најдобро решение за проблемот, алудирајќи на тоа дека со природниот гас во домаќинствата би се намалило загадувањето.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG