Лекарите предупредуваат дека нема време за чекање и оти се влошува состојбата со загадениот воздух кој е причина за сè поголем број белодробни заболувања.
Новата сезона која ја карактеризираа чести промени на времето болниците ја пречекуваат со неповолна здравствена состојба, а докторите се незадоволни дека сè уште не се преземени мерки за намалување на аерозагадувањето. Во детската болница за белодробни заболувања во Козле веќе подолг временски период, откако започна грејната сезона, има зголемен број пациенти. Директорот на болницата, доктор Ангелчо Андоновски, вели дека 80 насто од хоспитализираните пациенти од детска возраст страдаат од воспаление на горните и на долните дишни патишта.
„Треба да размислуваме подолгорочно, зашто перманентното изложување на ПМ10 честичките, кои се со докажано хемиско дејство врз белодробието, придонесуваат до зголемен број пациенти и зголемен престој на тие пациенти од детска возраст во болнички услови. Располагаме со 91 легла. Во моментов има 70 хоспитализирани пациенти, така што постојано гледаме веднаш штом ќе им биде подобра состојбата на тие деца да го намалуваме престојот“, вели доктор Андоновски.
Податоците од мерните станици во Скопје покажуваат дека просечните годишни концентрации на опасните честички ПМ10 во изминатите 10 години се движат од 80 до високи 180 микрограми на кубен метар. Во последните неколку години некогаш концентарциите достигнуваат 1.000 микрограми на метар кубен.
Станиците во Центар, кај Ректоратот и во Карпош изминатиот месец покажа дека концентрациите на ПМ10 честички во одредени денови се движат над 150 микрограми на кубен метар.
Овој просек е далеку над дозволената граница од 40 микрограми на кубен метар на која Македонија законски е обврзана според европските стандарди.
Лекарите велат дека постојат светски студии кои покажуваат дека загадениот воздух се јавува како ризик фактор за здравјето на децата.
„Проценката минатите години беше дека од 30 до 40 отсто се зголемува оптовареноста на здравствениот систем во зимскиот период и со ниските температури врзано со аерозагадувањето, највеќе нормално кај децата. Околу 40 отсто од интервенциите се кај децата од претшколска возраст, уште 20 проценти кај децата од школска возраст и останатото е кај постарото население и хронично болните. Значи оптовареноста е голема“, вели професор Драган Ѓоргев од Републичкиот завод за здравствена заштита.
Загрижена за своето и за здравјето на нејзиното дете, една граѓанка вели дека речиси секој месец нејзиното дете страда од настинки и кашлици.
„Сега бевме во државна болница на преглед, вирус нè фати, кашламе, нос ни тече, температура. Секој месец стана, често, секој месец, не секоја година“, вели една мајка.
Лекарите препорачуваат властите веднаш да почнат да ги применуваат мерките против аерозагадувањето и да не чекаат да дојде зимата кога состојбата со аерозагдувањето ќе стане алармантна. Тие посочуваат дека причина за аерозагадувањето, меѓу другото, се сообраќајот, но и тоа што во Скопје се намалија зелените површини, и оти прашината од градежната експанзија влијае на аерозагадувањето.
„Мерките да се постават веднаш на итните седници на новите власти, централни и локални. Додека е убаво времето, штом е почната грејната сезона да се почне со редукција на сообраќајот и проверка на јавниот сообраќај, како и ревизија на градењата. Може ефектот ќе дојде по некоја година, но ќе дојде. Дотогаш здравствените последици се високи, што значи дека мерки не се преземаат“, вели професор Ѓоргев.
Во врска со аерозагадувањето, доктор Андоновски вели дека родителите треба на децата да им овозможат почесто излегување на чист воздух, користење на здрава исхрана, примање витамини и избегнување на престој на отворено кога има најголема концентрација на загадување.
„Во природа каде има поголема концентрација на кислород. Самата вентилација и вентилирање на белите дробови предизвикува и нивно чистење, односно ослободување од таложењето на ПМ10 честичките кои се доста штетни“, вели доктор Андоновски.
Тој посочува дека светските студии докажуваат оти ПМ10 честичките со своето хемиско и перманентно дејство подоцна може да предизвикуваат белодробни заболувања како астма, а во одредени ситуации и белодробни заболувања од потежок карактер.