Достапни линкови

Депонии поради несовесни граѓани, но и државни органи


Дива депонија во Скопје, на патот меѓу населбите Кисела Вода и Сопиште, на местото познато како „Теферич.“ 18.06.2017
Дива депонија во Скопје, на патот меѓу населбите Кисела Вода и Сопиште, на местото познато како „Теферич.“ 18.06.2017

Совeста на граѓаните во однос на отпадот, но и на другите видови загадувања на животната средина е на многу пониско ниво во споредба со поразвиените европски земји, коментираат претставници на невладини организации. Граѓаните пак, се согласуваат дека во општеството воопшто не постои грижа за отпадот.

Отпад фрлен на отворен простор, на падините на планините или во коритата на реките. Овие слики можат да се забележат во околината на Скопје и скоро во сите градови во земјава. Ситуацијата е наведена во бројни документи, како во Планот за затворање на нестандардните депонии во Македонија, каде е потенцираното дека секаков вид на отпад (индустриски, медицински, градежен, од домаќинствата) се отстранува во импровизирани депонии, спротивно на меѓународните стандарди за депонии.

Слично е во руралните области каде собирањето на отпадот не е организирано, населението својот отпад го отстранува со фрлање во предградијата на населбите и на тој начин се создадени илјадници диви депонии во каменоломи, јами и во природниот пејзаж, се вели во документот.

За тоа колкава е свеста на граѓаните на Македонија во однос на животната средина, претседателот на Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, Блаже Јосифовски, вели оти се уште сме далеку од темите за рециклирање и селекција на отпадот, истакнувавајќи оти во разговори со нивните европските партенерски мрежи на организации кои се занимаваат со ова прашње, заклучиле дека Македонија во моментов e на ниво како Словенија пред дваесетина години.

„За жал, ако се споредиме и со други земји како Хрватска, таа е доста отидена напред со свеста, но и со вложувањето во инфрастуктура. Може да се каже дека порано беше полошо, дека има видливи разлики од пред пет-шест години. Прв пат се случува да имаме протести против загадувања од отпад, така што свеста расте, но за жал требаше да дојдеме до тоа во Струга да не може да се дише од отпадот за да сакаме да го решиме тој проблем“, вели Јосифовски.

И граѓаните кои ги анкетиравме сметаат дека свеста за животната средина е на доста ниско ниво. Тие, зборувајќи за ситуацијата во Скопје, велат дека некои делови се чисти, додека во други се случува вистински хорор од ѓубре.

„Живеам на булеварот „Кочо Рацин“ во Скопје каде има подземни и надземни контејнери за хартија, пластика и стакло, таму се случува хорор од ѓубре.“

„Ниска е свеста, бидејќи нема доволно култура.“

„Нема грижа за тоа прашање, нема човечка совест, тоа е најстрашната работа, секој фрла каде што ќе стигне. Властите не се заинтересирани за таа работа, тие си гледаат само за себе.“

„Секој фрла од прозори, на околу фрлаат храна за кучиња и се е загадено. Власта и полицијата не треба да не бркаат за тоа, за се треба самите да бидеме свесни.“

„Граѓаните се свесни ама пак загадуваат, сакаме да живееме во чисто, но пак има несовесни граѓани кои загадуваат“, велат граѓаните.

Јосифовски е со став дека во Македонија во изминативе години немало доволно политичка волја за решавање на проблемите, бидејќи граѓаните малку ги прашувале политичарите за овие проблеми.

„До каде е свеста може да се каже дека пред три години, кога требаше да се реши Источниот плански регион со регионална депонија, главен проблем беа граѓаните кои дел од нив не сакаа да почнат да плаќат такса за собирање на отпад. Градоначалниците сето тоа го видоа како губење на политички поени и ја запреа постапката“, вели Јосифовски.

Во однос на одговорноста на властите на сите нивоа, Јосифовски вели дека институциите знаат дека состојбата со отпадот е катастрофална, но оти нема политичка волја за решавање на проблемите. Тој додава дека Македонија има донесено бројни документи, како Националниот план за управување со отпад, Стратегијата за управување со отпад, План за затворање на нестандардните депонии, но дека на терен ништо од тоа не се применува.

Во Планот за затворање на нестандардните депонии во Македонија, ситуацијата со управувањето со цврстиот отпад е опишана како неефикасна, со систем попречен од сериозни организациски и технички недостатоци, со негативни ефекти врз животната средина и здравјето на луѓето.

Во Македонија има вкупно 54 општински депонии кои не исполнуваат никакви стандарди, освен „Дрисла“ во Скопје, 35 отсто од нив се високо ризични по здравјето на граѓаните, а дополнително според мерењата на „Ајде Македонија“ има уште околу 2.000 диви депонии низ земјава.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG