Со расчистувањата по домовите во пролетните месеци и доаѓањето на печалабарите на лето, драстично се зголемуваат количините на отпад во Тетово. Така уште повеќе се наталожува проблемот со справувањето со сметот во градот, чиј резултат се илјадниците тони отпад складирани кај претоварната станица на комуналното претпријатие.
„На подрачјето на општина Тетово каде што опслужува ЈКП Тетово, дневно се собира, за 24 часовен временски период, 100 тона измешан комунален смет. Ова кога не е сезона. Во сезона тоа се зголемува и до 50 проценти повеќе, односно до 150 тони смет на ден“, вели Мирослав Симовски, заменик раководител во одделението Комунална Хигиена при ЈКП Тетово.
Тој вели дека граѓаните можат да помогнат, со тоа ќе бидат доследни и отпадоците ќе ги фрлаат во кантите и контејнерите. Така комуналците ќе имаат повеќе време и ресурси за да работат во насока на почист град.
„Апел до граѓаните на подрачјето на општина Тетово, секој смет да заврши на неговото место т.е контејнер или канта. За нас е голем проблем, дополнителни возила ангажираме за собирање на каков било вид на отпад, кој не се одлага во контејнери или канти. И за граѓаните не е хигиенски и за нас исто така, дополнителни проблеми во нашето работење“, вели Симовски.
Најголем негативен придонес во создавањето количини смет имаат најлонските кеси, смета Биљаљ Авзи, долгогодишен продавач на тетовскиот зелен пазар. Тој вели дека купувачите дури и за еден продукт бараат нова кеса и дека се користат за носење храна и предмети постојано во целата година, по што веднаш се фрлаат. Ретки се случаите на луѓе, кои како порано пазаруваат со текстилни торби, вели тетовскиот продавач.
„Порано беше поубаво со торба. Сега со најлони, земаат најлони, тие се беспари затоа повеќе земаат со најлони. Не ги наплаќаме. Инаку со торба е подобро, поздраво. Јас мислам поздраво, па сега како е подобро луѓето самите треба да одлучат за тоа“, вели пазарџијата.
Тетовци повеќе години чекаат реализација на ветувањата на локалната власт за долгорочно справување со отпадот на дивата депонија која се создаде на влезот во градот. Се смета дека почиста средина ќе придонесе стандардизација на регионалната депонија Русино, каде се собира отпадот, посебно рециклирањето на сметот, како начин наместо да ја загадува околината, истиот да се преработи со цел повторно да се употреби.