Изминува четиригодишниот мандат на актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, период во кој постојано градот се соочуваше со загаден воздух, а карактеристика е дека само со еден протест, токму пред општинската зграда, граѓаните изразија револт сметајќи дека недоволно е направено околу подобрување на состојбата. Во јули 2016 година жители на Тетово истурија смет пред општината, лути зашто предолго трае складирањето на отпад на претоварната станица на комуналното претпријатие што се наоѓа во близина на нивните домови. Сметот кај претоварната станица и понатаму стои.
Невладината организација Еко Герила годиниве беше најактивна во организација и учество на јавни протести против загадувањето на воздухот. Од 2013 години самите организирале шест протести и маршеви низ Тетово, и по еден протест пред фабриката Југохром, како и пред зградата на Владата во Скопје. Имале и пет герила акции со делење летоци, концерт и слично.
„Протестите беа против загадувањето, не против кој било загадувач поединечно. Сепак е добро што Југохром веќе почна да работи на ставање на филтри и е затворен со одлука на Владата. Од друга страна многу е лошо општината што не одговора, не реагирала ништо околу тоа. Еве сега ќе доаѓаат локалните избори па тука е нивниот протест сега. Сега се спремаат тие работи за општината“, истакна Аријанит Џафери од Еко Герила.
Сретен Коцевски од невладината организација Институт за развој на заедниците, исто така учесници во протестите, смета дека граѓаните можат и треба да го зголемат притисокот врз локалните институциите кога станува збор за изразување на револт и барање да се преземат конкретни чекори за почист воздух во Тетово. Според него, проблем на денешницата е тоа што повеќе луѓето се активни на социјалните мрежи виртуелно отколку во реалниот живот.
„После еден голем протест којшто беше одржан на плоштадот, јас лично очекував дека бројката и понатаму ќе биде во најмала рака иста, дека ќе има во континуитет поддршка и дека притисокот врз општината ќе се зголемува. Моја лична проценка и заклучок е дека граѓаните недоволно ја манифестираат својата поддршка. Иако со голем дел се согласуваат преку социјалните мрежи, ако може така да кажам, промените преку тастатура не доаѓаат, туку треба директна акција, треба да се изнесе својот став и мислење за загадувањето да може да влијаеме врз луѓето кои ги креираат политиките“, изјави Сретен Коцевски.
Во Тетово, според мерењата на Министерството за животна средина, во 2016 година имало 302 дена со загаден воздух. Надминување на дозволените концентрации од 50 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен во 2015 имало дури во 350 денови, во 2014 во 285 и во 2013 година во 310 денови.