Еколошките проблеми треба да се решаваат регионално, бидејки тоа се проблеми кои бараат пошироки активности. Локалните власти во општина Маврово и Ростуше истакнуваат дека и покрај сите превземени активности за расчистување на отпадот, тој преку дивите депонии и селските реки се влева во Радика, а потоа се влева и во водите на Дебарското Eзеро.
„Навистина мора да се соработува регионално кога е во прашање заштитата на животната средина. И покрај тоа што во општина Маврово и Ростуше имаме јавно претпријатие кое го расчистува и собира сметот, сепак има несовесни граѓани кои го фрлаат смет, се создаваат диви депонии и потоа преку реката Радика сметот завршува во водите на Дебарското Езеро. Ние имаме добра соработка со Дебар, бидејќи собраниот смет се депонира од регионот на Долна Река во дебарската градска депонија. Но сметаме дека таа соработка треба да се проширува“, вели градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Мукрем Мехмеди.
Мехмеди оценува дека по неуспешната реализација на големиот еколошки проект „За заштита на реката Радика“, еколошките проблеми се во пораст. Според него неопходни се заеднички проекти со соседните општини, сè со цел да се заштити животната средина.
„Потребна е регионална соработка за решавање на големите еколошки проблеми. Треба да се грижиме во континуитет за заштита на животната средина и да имаме чист регион. И покрај тоа што ние како општина сме во Полошкиот Плански регион, додека Дебар во Југозападниот регион, сепак може да се реализираат регионални проекти во интерес на заштитата на животната средина“, додава градоначалникот Мехмеди.
Во Општина Дебар велат дека веќе е готов еден проект кој се однесува на заштитата на водите во општина Дебар, но и пошироко во регионот. Овој проект е поради фактот што постојано водите во општината се загадуваат од големиот отпад кој од другите општини се влева во водите на Дебарското Езеро.
Според нив со проектот ќе се надминат овие големи еколошки проблеми. Слични активности превземени се и во општината Центар Жупа. Исто така и од оваа општина продолжуваат да се влеваат во водите на езерото големи количини на смет кој се собира во дивите депонии, а по поројни врнежи од дожд сметот завршува во езерото. И во трите општини оценуваат дека регионалните еколошки проблеми треба да се решаваат заедно, бидејки се регионален проблем.