Општините од скопскиот регион, иако се надлежни за менаџирањето на градежните активности во главниот град, не одговараат на прашањето дали ќе преземат мерки за намалување или спречување на загадувањето од градежните работи, со оглед на тоа дека градежните активности емитираат една петина од вкупното количество загадувачи во воздухот.
Само Општина Аеродром и Општина Карпош преку е-мејл дадоа некаков одговор, иако не конкретно на поставеното прашање. Од Аеродром велат дека се најзелена општина во Македонија со 28 квадратни метри зелнило по глава на жител, додека градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вели оти не е точно дека на Карпош му се случува градежна експанизија.
Во изминатите седум години скопските општини издале над 5.600 одобренија за градење, односно за изградба на над 21 илјада станови со вкупна површина од 1,5 милион метри квадратни.
Општините се надлежни за издавање градежни дозволи, но имаат и законско право да ги запрат градежните активности. За тоа кои мерки се потребни Скопје да стане поодржлива урбана средина во 2017 година, дискусија оржаа еколошката организација „Еко-свест“ и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
„Архитектите и урбани планери истакнуваат дека неплански се гради и дека имаме узурпирање на јавните простори. Сите беа согласни дека е потребно зголемување на урбаното зеленило во градот и дека е потребна подобра контрола на градилиштата, односно да се внимава дали се запазени законите“, вели Елена Николовска од „Еко-свест.“
Како приоритени мерки за 2017 на дискусијата беа наведени: запирање на градежната експанизја, формирање на Министерство за урбанизам, ревизија на законот за урбанистичко планирање, ревизија на законот за зеленило, фонд за животна средина, унапредување на сообраќајот и мобилноста. Екпертите наведуваат дека е потребно на локалните власти да им се одземе урбанистичкото планирање и да се префрли на централната власт.
Исто така, проблем од градежните активности е создавањето градежен отпад. Никола Нешкоски од еколошката организација „Еко лоџик“ вели дека градежниот отпад често се исфрла на илегални депонии.
„Илегалните депонии ги имаме илјадници на територија на Македонија. Во Скопје конкретно илегални депонии имаме во секоја општина, во близина на урбаните средини, така што не треба да не изненадува од каде ни доаѓа добар дел на аерозагадувањето што е директен резултат на градежниот сектор“, вели Нешкоски.
Според законот за локална самоуправа, сите општини на Скопје се надлежни за заштита на животната средина и спречување на загадувањето.
Од Општина Аеродром велат дека зеленилото го имаат максимално заштитено, но истражувањата спроведени во други општини го покажуваат спротивното.
Тимот на невладината „Реактор“ дојде до резултати дека во населбите Дебар Маало и Буњаковец во Општина Центар во 1990 година имало над 21 отсто зелени површини, а дека во 2020 ќе останат само 4,5 проценти.