Во општина Дебар се реализирани бројни проекти на Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД. Според локалните власти, проектите на американската агенција многу позитивно влијаеја врз развојот на општината и подобрувањето на животот на населението. Инвестирано е во сферата на инфраструктурата, но и животната средина, културата, невладиниот сектор и во други сфери, вели Газменд Цами од секторот за урбанизам во Општина Дебар.
„Во општина Дебар се реализирани многу проекти од страна на УСАИД. Најголеми се изградбата на патот од Дебар до Дебарското Езеро, кој има големо значење за развојот на туризмот и рекреацијата на населението, санација на концертната сала во центарот за култура, изградба и асфалтирање на повеќе улици во населба Ќернаница, извршена е технолошка помош за локалната власт, потоа значаен е проектот еко патрола на Дебарското Езеро, дадена е поддршка на помали проекти на невладиниот сектор, потоа неколку проекти во сферата на образовните институции и друго“, вели тој.
Покрај финансиската поддршка на проектите, преку УСАИД е извршена и обука на повеќе стручни кадри во оваа општина. Газменд Цами, кој исто така е и локален лидер во невладиниот сектор во сферата на заштитата на животната средина, е еден од учесниците во овие обуки кои се реализирани во САД.
„Преку УСАИД учествував на обука во САД во 2001 година – Програма за развој на волонтеризмот во навладините организации. Станува збор за навистина корисна обука која потоа ја применив во здружението на екологистите на Дебар“, истакнува Цами.
Во сферата на менаџментот, обика имаше и дебарскиот интелектуалец Африм Кркути, кој вели дека обуката која ја овозможи УСАИД многу му има помогнато во неговата професионална работа.
„Преку УСАИД имав можност да престојувам во САД на една обука, која во првиот дел се реализираше во Скопје, а во вториот дел во Вашингтон во сферата на менаџментот во компаниите. Исто така имавме можност во рамките на обуката да ги посетиме и институциуите НДИ, ИРИ, Маршал Фондот, Светската банка и други институции. Новите искуства и сознанија добиени преку овој проект на УСАИД, ми помогнаа многу во мојата секојдневна работа“, вели Кркути.
Инаку, општа е оценката на локалните власти и невладиниот сектор дека тие се многу задоволни од ефектите на проектите на УСАИД, кои влијаеја врз севкупниот развој на општината.