Меѓународната ситуација е поволна и ако Македонија си ја заврши домашната задача предвидените стапки на економски раст се остварливи. Светската банка, исто како и владата, прогнозира дека македонската економија годинава ќе заврши со раст од 3,2 отсто, додека за догодина предвидува економски раст од 3,9 отсто.
Во најновиот извештај за економските перспективи, Светската банка наведува дека во Македонија, по надминувањето на политичката криза, главни проблеми остануваат невработеноста, фискалната консолидација и можноста за зголемување на буџетскиот дефицит поради најавените трошоци за инфраструктурни проекти.
Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје вели дека прогнозираниот раст за македонската економија се движи слично како просечниот раст во регионот. Тој посочува дека растот на македонската економија е тесно поврзан со странската побарувачка од Македонија и оти има позитивни проценки за меѓународното опкружување поврзано со оваа проценка. Тој посочува дека во таков случај ваквиот раст на Македонија е остварлив, ако ситуацијата на внатрешен план се стабилизира.
„Доколку политичката ситуација продолжи да биде стабилна, доколку немаме поголеми осцилации, доколку бизнис секторот се опорави, односно доколку му се зголеми довербата во институциите и довербата во политиките кои ги презема новата влада, најавените субвенционирања и тн. Ова е блиску поврзано со нивната доверба. Гледаме дека благо се опоравуваат, значи колку ќе веруваат во тоа и колку ќе бидат успешни политиките на владата за да го разбудат бизнис секторот, да го освежат, да може да даде определена стапка на економски раст. Меѓутоа сега, иако изгледа остварливо, сè уште има точки поврзани со оваа проблематика кои може да бидат спорни. Најавени се определени пакети поврзани со стимулирање на странските компании, сè уште не знаеме дали ќе се привлечат нови странски директни инвестиции, дали фискалната консолидација ќе оди со нивото кое е замислено, дали ќе имаат успех новите најавени мерки за зголемување на плата и продуктивност во економијата“, вели професор Треновски.
Сепак, тој посочува дека се потребни подлабоки структурни реформи кои ќе овозможат повисоки стапки на раст и нагласува дека не секогаш повисоките стапки на раст се поврзани со зголемување на животниот стандард на граѓаните.
Економскиот аналитичар Арбен Халили, пак, се надева дека ќе се реализираат најавените капитални инвестиции и политичката состојба ќе се стабилизира. Тој вели дека помошта за домашните и за странските компании треба да продолжи, но оти фокусот треба да се стави на малите и средни претпријатија.
„Планираните средства како директна поддршка за мали и средни претпријатија за жал се многу смешни. Ако го споредите вкупниот број на мали и средни претпријатија кои се околу 71 илјада од вкупно 75 илјади регистрирани компании во земјата, тие средства планирани во буџетот се далеку помали од што треба да бидат“, вели Халили.
Владата неодамна го претстави планот за економски раст, според кој предвидува помош за фирмите што минатата година покажале добри резултати во вредност од 50 милиони евра.