Втората половина од месецов се чини клучна за надворешно политичките прашања на земјава, ако се суди, според закажаните средби и посети. Во Њујорк претставниците на Македонија и на Грција во разговорите за името Васко Наумовски и Адамантиос Василакис ќе се сретнат со посредникот во спорот Метју Нимиц. Утре во Скопје доаѓа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Кон крајот на месецов ,според најавите, во медиумите можна е средба и на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на економскиот форум во Давос.
Време е некои работи да се доведат пред самиот крај, коментира Никола Дујовски професорот на Универзитетот Свети Климент Охридски.
„Имаше доста средби минатиов период кои беа во функција на подготовка на средбата на премиерите која се надевам ќе се случи следната недела во Швајцарија. Сето ова ме води кон заклучок дека Македонија може да ја исполни зацртаната цел на оваа влада а тоа е во првата половина од оваа година да станеме членки на НАТО“, вели Дујовски.
Столтенберг стана прв човек на воената алијанса во 2014 година. Поранешниот норвешки премиер дојде на позицијата по Андерс Фог Расмусен, кој пак, последен пат беше во земјава во 2014 година, пред да му истече мандатот. Според Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет на Македонија особено важна порака е најавеното обраќање на Столтенберг во Собранието.
„Првпат се случува Столтенберг да се обрати на пратениците и тоа не е случајно. Земајќи го предвид фактот дека во Собранието имаме некаква криза во однос на функционирањето затоа што не учествува опозицијата, а пораката верувам дека ќе биде јасна и силна и дека ќе се вклучат сите чинители кои се заинтересирани нашата земја да ја добие поканата за членство во НАТО и да ги почне пристапните преговори за ЕУ“, вели Рамадани.
Инаку, посредникот Нимиц во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ истакна дека нема да излезе со нов предлог за името, туку со предлог-идеи за кои веќе се диксутирало во минатото. Претходната рунда преговори, која беше прва по тригодишниот застој во процесот, се одржа во Брисел на 11 и 12 декември. Грчкиот весник Етнос пак, повикувајќи се на висок претставник на НАТО пишува дека последните случувања во однос на прашањето за името се оптимистички и дека тие ги поддржуваат натамошните напори за изнаоѓање решение. Според истиот извор се уште е рано да се каже дали Македонија ќе се најде на агендата на Самитот на НАТО во јули.
Македонија пред десет години поради грчката блокада на самитот на НАТО во Букурешт не успеа да стане членка на Алијансата. Условот остана ист од 2008 година, прво решение за името, па потоа зачленување. Слична ситуација има и со Европската унија каде што датумот за почетокот на преговорите за зачленување беше блокиран поради грчкото противење.