Достапни линкови

Неделници - Национални прашања и економски раст


Премиерот е намерачен за шест месеци да ги реши сите национални јанѕи, болештини и етно-идентитетски трагедии, кои се таложеле со векови, пишува Фокус. Капитал анализира колкав раст ќе испорача владиниот план за економски раст со напомнување дека бизнисмените се желна за ветената државна помош.

Фокус - Премиерот гази во чизмите на своите претходници

На насловната на новото издание на Фокус – монтирана фотографија на премиерот Заев како се прекрстува пред архиепископот Г.Г. Стефан, а во Нештата да станат појасни, под наслов: „Заев во молитва: Боже, реши го спорот за името!“ – иронија и резигнираност, потсетување на грешките на Владата на ВМРО-фамилијарна, како што вели, и критика до новата Влада и до премиерот Заев за кадровските решенија и за неговите потези. Покрај другото: „Намерачен за шест месеци и помалку да ги реши сите национални јанѕи, болештини и етно-идентитетски трагедии, кои се таложеле со векови, а минатите децении метастазирале до с’рж, од името и идентитетот, преку членството во НАТО и ЕУ, до статусот на црквата и веројатно до испраќањето прв Македонец во вселената, нашиот премиер гази во чизмите на своите претходници, по патот поплочен со „добри намери“. И пак покрај другото, на пример, авторот на уводникот во Фокус се прашува: „Зошто, навистина, зошто во вакви услови, кога политичкиот простор е широко отворен за храбри чекори и за болни реформи, на Владата и на нејзиниот премиер им е потребно да пазарат ’амдибајрамовци‘ за вештачко билдање на парламентарното мнозинство, уривајќи го елементарниот морален карактер на промените и уништувајќи ја коалицијата со најголемата жртва од 27 април, Зијадин Села....“. Или пак критиката за Советот за спроведување реформи во судството чиј претседател сега ќе биде премиерот Заев: „Заев ќе ги подготвува реформите, Заев ќе ги гласа, Заев ќе ја контролира нивната примена во судовите, во судскиот и во обвинителскиот совет...“ – иронизира авторот. Па потоа, откако ги набројува потезите на премиерот на надворешнополитички план, завршување со голема иронија: „Море, море, каква апостолска мисија си презеде нашиот премиер. Сам да ја еманципира Македонија, да ја просветли како апостол Павле, сам да ја крене од мртвите и да ја врати во Живот...“,пишува Фокус.

Капитал – Бизнисмените желни за ветената помош

Главната тема во новиот Капитал е насловена: „Колкав раст ќе испорача владиниот План за економски раст?!“ со напомнување дека „Бизнис заедницата е желна за државната помош што им ја вети Владата“. Па авторот продолжува дека Планот за економски раст, што непосредно пред Нова Година го испорача Владата, предвидува мерки за изедначување на условите за домашните и за странските инвеститори. Државната помош проценета на околу 50 милиони евра што веќе се испланирани во новиот буџет, ќе се дели според транспарентни критериуми, и вклучува субвенции за зголемување на соработката меѓу странските и домашните компании, субвенции за повисоки плати, помош за микро, мали и средни претпријатија, поддршка за истражување и развој, за технолошки иновации и за зголемување на извозот. Според проценките на владини претставници, наведува Капитал, доколку програмата биде препознаена од директни странски инвеститори и од македонски инвеститори, економскиот раст можел да биде и повисок од планираниот раст на БДП од 3,2 проценти. Бизнисмените, од друга страна, бараат мерките да се операционализираат што побрзо, потсетува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG