Во очекување на новата рунда разговори меѓу посредникот на ОН Метју Нимиц и преговарачите од Македонија и од Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис која треба да се одржи на 17 јануари во Њујорк, денеска средба во Солун остварија министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.
На средбата, како што информираат од МНР, министрите изразиле заедничко очекување дека на претстојниот состанок на 17 јануари преговарачот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, ќе стави на маса инцијална рамка со која суштински ќе се оствари напредок во надминувањето на разликата околу прашањето.
Пред два дена и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи се сретна со министерот Коѕијас во Атина, а по враќањето, во интервју за телевизија 24 вести, изјави дека постои консензус терминот Македонија да се најде во која било варијанта за решавање на спорот. Османи вели дека и двете страни во процесот нудат предлози, а преговарачот Метју Нимиц е тој кој треба да даде заедничко прифатливо решение.
Во период на интензивни преговори за името, македонските граѓани ги прашавме дали треба да има компромис за името и дали за евентуалниот компромис треба да се распише референдум? Добивме поделени одговори:
„Да, треба да постои компромис, без компромис нема ништо.“
„Треба да најдеме заедничко разбирање, сите да попуштиме по малку, со добро се бива, со лошо ништо.“
„Во секој случај овие дваесет години покажаа дека компромис треба да има.“
„Да, треба да има, ама не на наша штета“, велат повеќето граѓани коишто ги анкетиравме.
Други, пак, сметаат дека за името не треба да има компромис.
„Воопшто никаква дискусија и референдум според мене не треба да имa.“
„Јас не би дозволил името да се смени, тоа е мое мислење“, велат дел од анкетираните.
Во однос на потребата од распишување референдум, повеќето граѓани велат дека тие задолжително треба да бидат прашани за евентуалниот компромис.
„Секако, треба да има, да се слушне и гласот на народот.“
„Треба да има, ако не се прашаат граѓаните, кој друг.“
„Обавезно, народот мора да се изјасни за тој компромис, не може ова прашање да оди само во парламент“, велат анкетираните граѓани.
Политичките аналитичари се согласуваат дека референдумот е најдобриот начин за изразување на волјата на граѓаните, но според аналитичарот Алберт Муслиу, не треба да се брза со одржување на референдум во следниве шест месеци.
„Проблематичниот дел на референдумот е ако тој генерира референдум и од грчка страна, а имавме сериозни изјави од грчки политичари дека референдумот таму не е потребен, поради избегнување на евентуални невозможни ситуации каде што едната страна би гласала против референдум. Ако тој референдум е обврзувачки и ако се изгласа против, тогаш двете земји би се нашле во безизлезна ситуација“, изјави Муслиу.
Според него, секое инсистирање на референдум во следните неколку месеци, би било тенденција за самопромоција и успорување на целиот процес.
Премиерот Зоран Заев во неколку наврати изрази оптимизам дека Македонија би можела да добие покана за членство во НАТО во првата половина од годинава. Оптимизмот го темели на подготвеноста од двете страни без предрасуди да разговараат за сите прашања. Во интервју за грчките медиуми, и премиерот Алексис Ципрас изјави дека е оптимист во однос на решение на спорот за името.