Достапни линкови

Противречностите на Иванов


Годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија
Годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов, во годишното обраќање пред Собранието, изнесе низа контрадикторности, кои за експертите не се новина оти, како што велат, претседателот нема прецизна слика за општеството.

Годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов во Парламентот, кој на моменти наиде и на негодување кај пратениците, беше полн со контрадикторности во однос на политиката на внатрешен, но и на надворешен план, велат упатените.

Иванов порача дека е неопходно да биде утврдена одговорноста за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април, но во истовреме ги бранеше осомничените пратеници и ги поддржа демонстрантите.

Евроатлантските интеграции рече дека се на врвот на агендата, но и дека треба да се има предвид дека краткорочните интереси на партнерите не секогаш кореспондираат со интересите на Македонија. Се жалеше на односот од соседите кон Македонија, но и порача дека регионалната соработка е императив. Ја поздрави посветеноста за изнаоѓање решение за името, но според него, прашањето станало заложник на бирократијата на НАТО и ЕУ.

Иванов рече и дека барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот, а потоа повикува да се направи закон што ќе понуди сеопфатно решение.

Очекуван е ваков говор од претседателот, вели Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

„Од причина што тој во моментов, а и во изминативе години додека е на претседателската функцијата нема конзистентни ставови по одредени прашања. Многу често и ги менуваше ставовите и одлуките. Многу често со неговите одлуки всушност ги подгреваше тензиите во Република Македонија, така што за мене овој говор е очекуван и баш му прилега на претседателот Ѓорге Иванов“, вели Гаџовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека говорот на Иванов е во сооднос со неговиот начин на комуницирање, а ниту во минатото не кажувал суштински работи кои би му помогнале на општеството. Секогаш неговите активности били противречни и говорот го рефлектира тоа, додава тој.

„Така што, во овој говор можам да го видам само од тој аспект дека противречностите и контрадикторностите биле секогаш негов атрибут, а од друга страна вчерашниот говор покажа дека никако не може да се одлепи од тоа чувството на обврска да ги брани интерестите на таа политичка партија коjа го номинираше“, истакнува Муслиу.

Според Гаџовски, Иванов во јавноста пласира флоскули без никаква конзистентна поддршка на тоа што го говори.

„Во многу случаи од една страна дава изјави дека претходно насилниците од 27 април мора да се казнат, а ги поддржува оние кои протестирале, а всушност се тие оние истите коишто го направија инцидентот во Собрание. Така што мислам дека и ова годишно, како и претходните на претседателот се во стилот на Ѓорѓе Иванов кој што всушност и нема некоја да речам прецизна слика за тоа што се случува во македонското општество и мислам дека е далеку од реалните состојби во Македонија“, додава Гаџовски.

За ВМРО-ДПМНЕ, говорот на Иванов беше содржајно обраќање, а за СДСМ срамен и теснопартиски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG