Достапни линкови

Договорот со Бугарија сигнал и за идната кохабитација


Архивска фотографија- претседателот Ѓорге Иванов му го доделува мандатот за состав на новата влада на Зоран Заев
Архивска фотографија- претседателот Ѓорге Иванов му го доделува мандатот за состав на новата влада на Зоран Заев

Реакцијата на претседателот Ѓорге Иванов за договорот за добрососедство со Бугарија за дел аналитичари е прв знак за идната кохабитација, но не е изненадување, ако се земе предвид досегашниот однос меѓу СДСМ и шефот на државата.

По подолго време претседателот Ѓорге Иванов се огласи во јавноста со барање Владата да го објави и образложи текстот на договорот за добрососедство со Бугарија пред неговото потпишување. Ова некои аналитичари го толкуваат како знак и за идната соработка меѓу шефот на државата и Владата.

Но, за Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, не е изненадување ваквиот спротивен став на Иванов, од оној на Заев, кој вели дека договорот ќе биде објавен по потпишувањето, а за него потоа ќе се дебатира при ратификацијата во Собранието. И кога СДСМ беше опозиција претседателот немаше никаква соработка со нив, потсетува Гаџовски.

„Мислам дека и сега од позиција на власт СДСМ нема во голема мера да има подобрена соработка со претседателот Иванов, а подобрена соработка ќе може да очекуваме во некој нареден период кога би дошол некој друг претседател“, вели Гаџовски.

Во владиниот план 3-6-9 за првите три месеци пак, се наведува дека „владата ќе стори се од своја страна, да обезбеди соработка (кохабитација) со претседателот, како и непречено функционирање на сите државни институции со целосно почитување на дефинираните уставни и законски обврски и нивните надлежности“. Во тој дел пишува и дека ќе се отпочнат консултации за пополнување на упразнетите места во дипломатските претставништва, избор на член на Советот на јавни обвинители, кој се бира по предлог на Собранието и избор на член на Уставниот суд, на кој му престанува мандатот.

Според надлежностите што Уставот и законите му ги даваат на Претседателот, тој се поклопува со Владата во делот на поставувањето амбасадори, двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Судскиот совет, но и во потпишувањето на указите на законите.

„Во правосудството може да очекуваме проблеми, а што се однесува до дипломатијата ние имавме проблеми и досега, особено во делот со именувањата на кадрите Албанци, пред сè поради несогласувањата на претседателот со ДУИ. Се надевам дека ова нема да се рефлектира во потпишувањето на законите, оти тоа ќе биде успорување и поскапување на процесите“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Токму за потписот на законите имаше несогласувања меѓу поранешниот претседател Бранко Црвенковски и поранешната влада предводена од Никола Груевски, но и претходно со владата предводена од неговиот сопартиец Владо Бучковски. Тој одби да потпише неколку закони, по што тие беа вратени на повторно гласање во Собранието.

Несогласувањата меѓу првиот претседател Киро Глигоров и тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, пак еруптираа по признавањето на Тајван, а односите на Георгиевски и со следниот претседател Борис Трајковски се влошија по конфликтот во 2001 година. Всушност најмирни релации имаа актуелниот претседател Иванов, кој го тера вториот мандат и поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Тие досега речиси немаа никакво несогласување.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG