Достапни линкови

Добрососедската политика се гради со разум, а не со емоции


Скопје, Нацрт договотор со Бугарија пред Комисијата за надворешна политика.
Скопје, Нацрт договотор со Бугарија пред Комисијата за надворешна политика.

Многу се важни добри односи со соседите. Новата влада почна да праќа позитивни сигнали, а упатените се надеваат и на поддршка од меѓународната заедница. Нема најава за решавање на спорот за името со Грција, на договорот за добрососедство со Бугарија се работи, а СПЦ повторно забрани прослава на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчињски.

Важен чекор кон приближување до Европската унија е градењето добрососедски односи, посочуваат домашните аналитичари во атмосфера на отворени прашања на земјава со соседите. Нема дилема дека на секоја држава и одговара да има добри односи со соседите, вели поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, но додава дека историјата е опасна кога истата ја спроведуваат политичарите според сопствените интереси и со цел добивање политички поени.

Дипломатите, вели Арсовски, ја имаат најтешката задача. Да го пронајдат јазикот на разбирање и комуницирање меѓу соседите.

„Мислам дека заложбите ни се во една позитивна насока, со поглед кон иднината и воздржување од националистички и други несакани појави. Токму тоа е таа благородна работа на мудрите политичари кои треба да го најдат патот за подавање рака. Ние немаме друга алтернатива освен градење на добрососедство со нашите соседи без разлика на тоа кој од која страна е, со кого сме биле порано заедно или не“, изјави Арсовски.

Градењето мостови кон соседите подразбира да се остават настрана одредени политички изјави кои биле дадени во одреден момент поради дневно-политички цели. Добрососедските односи треба да се врвен приоритет на современите политичари, посочува Арсовски.

„Јас сум оптимист дека Брисел ќе ги препознае и веќе ги препозна добрите чекори. Ќе помогне да се надминат одредени недоразбирања на целиот овој регион бидејќи неговата безбедност е една примарна задача, зашто само еден погрешно изговорен збор може да создаде една лавина која подоцна тешко може да се врати назад“, посочува Арсовски.

Професор Башким Селамни смета дека Македонија треба да ја менува својата стратегија кон соседите, односите со нив треба да ги гради рационално и без емоции, ниту пак со провокации.

„Оваа Влада дава знаци дека сака да ги реши отворените проблеми со соседите, но не верувам дека тоа ќе биде лесно. Во оваа насока мислам дека Македонија треба да попушти повеќе, да има за цел да влезе во Европската унија. Во спротивно, ние уште долго ќе патиме“, изјави Селмани.

Во меѓувреме, прашањето за спорт со името останува реален проблем кој се јавува и како главна пречка на нашиот евроинтегративен пат. Во последно време актуелен е договорот за добрососедство со Бугарија, чија содржина остана тајна за јавноста, па кај истата предизвика низа сомнежи. Во пресрет на Илинден, медиумите информираат дека СПЦ нема да дозволи чествување на празникот во манастирот Прохор Пчињски поради нерешеното прашање меѓу СПЦ и МПЦ.

Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, пак на покана на неговиот колега Дитмир Бушати денеска престојува во работна посета на Република Албанија. Во рамки на посетата, покрај со домаќинот, предвидено е Димитров да оствари средби и со претседателот на владата на Албанија, Еди Рама и со шефот на државата Илир Мета.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG