Во Кривичниот суд во Скопје на распит се осомничените за настаните на 27 април во Собранието, а на улицата пред судот ВМРО-ДПМНЕ на протести. Основното јавно обвинителство денеска осомничи 36 луѓе за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Меѓу нив има актуелни пратеници, партиски функционери и бивши државни функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи Митко Чавков, актуелните пратеници од опозициската коалиција Крсто Мукоски, Јохан Тарчулоски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Љупчо Димовски се дел од осомничените за настаните. Покрај нив под сомнение се и актуелниот член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а претходно еден од иницијаторите на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, неговите соработници од деновите на протести режисерот Борис Дамовски, оперскиот пејач Игор Дурловски, актерот Владо Јовановски.
Иванов- За насилството одговорност мора да има
Доцна вечерта претседателот Ѓорге Иванов рече дека ја поддржувал и сега ја поддржува иницијативата „За заедничка Македонија“, а дека граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не може да бидат третирани како терористичка организација.
„За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела“ рече Иванов.
Пред неговото обраќање на протестите пред Судот пратеници од опозициската партија побараа реакција од него. Крсто Јовановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ побара да донесел одлука каква што треба.
„Се надевам дека претседателот Иванов го гледа ова и од мое име и од име на сите пратеници ќе донесе одлука онаква каква што треба, каква што со Уставот на Република Македонија му се можни“, рече Јовановски.
Пратеничката Невенка Стаменковска попрецизно побара од претседателот Иванов да се огласел и да ги ослободел сите 36 лица кои што денеска биле приведени.
Груевски во првите редови на протестот
До протестот дојде откако прво ВМРО-ДПМНЕ ги повика „сите граѓани кои не се согласуваат со антидржавната политика на СДСM да излезат на протест“ a потоа на прес-конференција од партиското седиште лидерот Никола Груевски побара итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој како што рече класичен политички прогон.
„Ова е посипување на зла крв во целото општество. Во 21 век имаме процес против луѓе кои си ја сакаат својата земја, само затоа што гласно кажаа не на оваа хунта на власт. Нема да се заборави плачот на децата на Дурловски, на Жаклина, на Сашо, на децата на Крсто, на децата на сите оние кои утрово брутално ги апсеа пред нивните деца додека тие плачеа“ рече Груевски.
Тој потоа им се придружи на демонстрантите пред Судот и застана во првиот ред пред полициската блокада.
Инаку до насилствата на 27 ми април дојде откако парламентарното мнозинство го избра Талат Џафери за претседател. Со качулки на главите, дел од демонстрантите влегоа насилно во прес-салата на Собранието каде што претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев одржа прес-конференција. Во салата во која беа политичарите и новинарите упаднаа маскираните лица кои ги тепаа политичарите, а повредија и неколку новинари.
Испратени барања за одземање на пратенички имунитет
Како што јави МИА Кривичниот суд до Собранието на Република Македонија испратил барања за одземање на имунитет за шестмина пратеници. Според информации од Собранието, барањата се пристигнати , но се чека на претседателот на Парламентот Талат Џафери да се врати од патувањето во Шведска за тие да бидат отворени. Се очекува, како што е пропишано овие барања Џафери да ги достави до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски, кој треба да закаже седница на која треба да се одлучува по нив. Богоевски најави дека седница ќе закаже веднаш штом го добие известувањето од претседателот на Парламент. Најверојатно седницата на Комисијата ќе се одржи во текот на утрешниот ден.