Достапни линкови

Полноќни средби во Вила Водно без детали за јавноста


Во Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов се одржа средба на која присуствуваа Заев, Џафери, Груевски и Ахмети
Во Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов се одржа средба на која присуствуваа Заев, Џафери, Груевски и Ахмети

За доцните средби на политичкиот врв во претседателскиот кабинет нема многу информации во јавноста. Според политиколозите тоа е типично за сите лидерски средби, а евентуалниот состанок во куќата на Жан Моне во Париз би бил за пацификацијата на политичкиот процес за името.

Во иста недела во претседателскиот Kабинет две средби на партиски и државни лидери од кои во јавноста нема многу информации. Првата средба кај шефот на државата Ѓорге Иванов се случи дента кога беа и приведувањата за настаните на 27 април, а втората вчера во проширен состав, па покрај Иванов, премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на неа учествуваа и првиот човек на ДУИ Али Ахмети и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Идентично за двете средби е што информацијата дека тие се одржале стигнува по полноќ. Покрај тоа што состаноците се реализираат во моменти на приведувањата за собраниските настани тие доаѓаат и во период на најави за средба на македонските политичари во куќата на Жан Моне во Париз.

Според политикологот од правниот факултет Ненад Марковиќ анализата на досегашните лидерски средби покажува дека една од основните работи е да не се пуштат премногу информации во јавноста и затоа, како што вели, се држи во таков тесен формат. Но зборувајќи и за евентуалните идни средби во Париз, Марковиќ, вели дека очекувањата се дека тие средби ќе бидат поврзани со решавањето на проблемот за името.

„Тоа што се ќе се случува во куќата на Моне тоа е името, тоа е внатрешна пацификација на политичкиот процес, да нема никаков политички актер кој ќе направи проблем од тоа, ќе вади луѓе на улици за да може тоа да помине глатко и ние да влеземе барем во НАТО, а потоа да се разговара за ЕУ, кој знае може и тука да има некаков голем прогрес да се искористи тој прозорец на можности кој сите го увидуваат во моментот, го увидува и Грција се надевам“, вели Марковиќ.

Премиерот Заев, пак, деновиве во интервју за неделникот Капитал рече и дека Владата ја имала поддршката и од ВМРО- ДПМНЕ за решавање на спорот за името со Грција.

„Од она што јас го знам, во разговорите низ Парламентот со високи претставници на ВМРО–ДПМНЕ можам да кажам дека сум задоволен во поглед на нивното позиционирање за конкретното прашање“, вели Заев за неделникот.

Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на прашањето за Радио Слободна Европа дали се точни овие тврдења и кој е нивниот коментар. Во соопштението од претседателскиот Кабинет пак не се споменуваат конкретни теми, а се наведува дека се разговарало за решенија за излез „од моменталната состојба на тензичност во државата, која предизвикува загриженост кај граѓаните“.

„Соговорниците се согласија дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија“, се наведува во соопштението.

Марковиќ во интервјуто на Радио Слободна Европа, што ќе го емитуваме в недела, вели дека и слабата посетеност на протестите на ВМРО-ДПМНЕ се сигнал дека лидерот Груевски ја губи поддршката во партијата, а зборува и за демократските процеси во државата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG