Достапни линкови

Спорот за името – грчките медиуми пишуваат, македонските пренесуваат


Архивска фотографија: Медијаторот на ОН за спорот со името меѓу Грција и Македонија, Метју Нимиц, со преговарачите Васко Намовски и Адемантиос Василакис
Архивска фотографија: Медијаторот на ОН за спорот со името меѓу Грција и Македонија, Метју Нимиц, со преговарачите Васко Намовски и Адемантиос Василакис

Грчките медиуми се полни со информации и анализи за спорот за името во пресрет на средбата на посредникот Метју Нимиц со преговарачите од двете земји. Овие текстови се пренесуваат во македонскиот печат.

Како што се приближува средбата на медијаторот Метју Нимиц со грчкиот и македонскиот преговарач за спорот со името, особено во грчките медиуми се зголемува напливот на текстови за ова прашање, а македонските медиуми – пренесуваат.

Слободен печат на насловната објави: „Екстремистите насетија дека се ближи решавање на спорот – Во Грција се будат тврдокорните!“, очигледно алудирајќи на таканаречените „тврдокорни“ пред локалните избори кај нас. Порталот Плусинфо го пренесува грчкиот „Катимерини“: „САД и Германија ќе го зголемат притисокот за да се реши името“. Грчкиот весник едновремено пишувал дека името ќе содржело одредница заедно со терминот Македонија. Независен весник пишува: „Реакции во грчките медиуми по телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас за време на приватната посета на премиерот Заев на Солун“. Нова Македонија насловува: „Османи во Атина, можна средба Ципрас – Заев во Давос“. И Вечер оди со истиов наслов, покрај информацијата дека телефонскиот разговор помеѓу Заев и Ципрас е една од централните теми во грчките медиуми.

Вечер, Нова Македонија и некои домашни портали објавуваат делови од интервјуто на српскиот патријарх Иринеј за ТВ Храм: „Решението за МПЦ е единствено преку СПЦ“. Ова како реакција на барањето од Синодот на македонската црква бугарската да биде мајка на македонската.

Судејќи според вестите, Македонија се чини како центар на Балканот, сите нешто сакаат во неа или околу неа: „На Ердоган му треба и македонскиот глас за да стане ’султан‘“, анализира Независен весник по најавите на турскиот претседател да отвори претставништво на неговата Партија на правдата и развојот во Македонија. Весникот пренесува мислења на политички аналитичари дека во едно мало и фрагментирано општество, кое е уставно секуларно, отворањето вакво претставништво може да биде клинот со кој властите од Турција ќе се обидат да ја шират својата визија на умерениот ислам кој треба да ги опфаќа сите сфери во општеството.

Независен обработува и домашни теми: „Мицкоски во сендвич меѓу Груевски и реформите“, насловува весникот во обид да го анализира однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ по изборот на нов претседател.

Вечер, пак, го пренесува сознанието на агенцијата Макфакс: „Четврто обвинение за Груевски – на 24 јануари седнува на клупа за предметот на СЈО ’ТНТ‘ за уривањето на ’Космос‘ на бизнисменот Фијат Цаноски“.

Вечер и другите пишани и електронски медиуми ги следат изјавите на Зијадин Села. „Села смета дека ДУИ ја блокира работата на Таравари во Гостивар“, пишува покрај другото весникот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG