Со Договорот за добрососедство Македонија добива појасна европска перспектива, велат дел аналитичари, додека историчарите критикуваат дека договорот е нерамноправен и ја става Македонија во подредена улога.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на почетокот на собраниската расправа за ратификација на Договорот, рече дека е факт дека тешки и деликатни прашања меѓу две соседни држави многу тешко се договараат и „ниту ние, ниту во Бугарија целосно сме среќни со текстот“.
Договорот беше потпишан на 1 август минатата година од премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Скопје.
Андреја Стојковски од невладината организација Евротинк вели дека договорот со Бугарија е дополнителна стабилизација на регионот.
„Во моментот на потпишувањето на договорот на почетокот на август минатата година, Македонија го доби најголемиот или најгласниот спонзор којшто можеше да го добие за своите аспирации за членство во ЕУ и во НАТО. Оваа година, Бугарија претседава со Советот на ЕУ, а претседателството со Советот ја прави уште покорисна за Македонија, бидејќи таа ја одредува агендата на Советот, Бугарија ја димензионира расправата, Бугарија може да продолжи и понатаму да биде промотор на Македонија“, вели Стојковски.
Од друга страна, професор Наташа Котлар од Институтот за национална историја вели дека кога би имало добри намери, договорот би бил рамноправен, а не како сега, асиметричен. Со договорот, Македонија де факто се откажува од македонското малцинство во Бугарија. Вели дека е спорна формулацијата „заедничка историја“ и се противи на формирањето заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Не може со политички декрет да се решаваат научни прашања, вели таа.
„Ако со одреден диктат некој си дозволи да менува одредени формулации во нашите учебници, тоа значи дека ни ја менува нашата научна диоптрија. Тоа може да го менуваме ние самите, во нашата држава, каде што на одредени собири, конференции, се дискутира и се проблематизира определена историска ситуација, проблем, настан, процес итн., меѓутоа, тоа си го прават научниците“, вели таа.
Бугарскиот амбасадор во Македонија Иван Великов Петков, презентирајќи ги приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ пред Собраниската комисија за европски прашања, рече дека водечки принцип на бугарското претседателство ќе биде зачувувањето на единството и солидарноста меѓу земјите членки на ЕУ и решавање на отворените прашања преку компромис. Тој посочи дека за Бугарија приоритет е европската перспектива на Западниот Балкан.
„Бугарија ја поддржува европската перспектива и напорите на владата на премиерот Зоран Заев, на сите институции, граѓанското општество и на опозицијата да ги остварат своите стратегиски цели, за време на бугарското претседателство да ги исполнат условите за добивање покана за почеток на преговори за членство во ЕУ“, рече амбасадорот Петков и додаде дека за да се случи тоа мора да се спроведат итните реформски приоритети.