Достапни линкови

Седмо издание на Поетски слем – Македонија во Прилеп


Плакат - Поетски слем - Македонија 2017
Плакат - Поетски слем - Македонија 2017

Со учество на дваесеттина домашни автори кои ќе се натпреваруваат меѓу себе, в сабота на 18 ноември, со почеток во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, ќе се одржи седмото издание на Поетски слем - Македонија. Негов потписник и натаму е Театарска работилница – Прилеп, а случувањето годинава ќе се одвива како дел од манифестацијата Нов културен бран.

На домашната книжевна и перформативна сцена по седми пат ќе и се случи Поетски слем – Македонија. В, сабота, на 18 ноември, со почеток во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, дваесеттина домашни автори ќе се натпреваруваат меѓу себе во „поинаквото читање – говорење на сопствената поезија“. Ќе има натпреварувачи од Скопје, Велес, Тетово, Битола, Струмица, Куманово, од градот домаќин...а меѓу нив и творци како Ана Бунтевска, Љуљзим Хазири или Бранислав Николов од групата ФОЛТИН.

Со тоа дефинитивно ќе биде збогатен списокот на досегашни гости на Поетски слем – Македонија на кој веќе од поодамна се имињата на Никола Маџиров, Атанас Чупоски, Џабир Дерала, Мариј Росен од Бугарија, Катерина Фијаменго од Србија, Фатон Раткочери од Косово и четирите РУСАЛКИ на ИЛИ/ИЛИ - Каретина Батаклиева, Цветанка Колева, Снежана Стојчевска и Аница Блажеска.

„Постои едно неофицијално мнение помеѓу поетите дека тие знаат многу подобро да си ја пишуваат отколку да си ја читаат сопствената поезија. Секогаш е нели лесно да останеме во таа комфорна зона да пишуваме и да интепретираме онака како што е својствено за нас, меѓутоа е предизвик да се научи еден поинаков перформативен начин на интепретирање на поезијата“, вели Елена Пренџова.

Поетесата, слемерка и долгогодишна ко-организаторка на Поетски слем – Македонија, дополнува дека повеќето од луѓето кои се заинтересирани за слем-поезијата се оние кои наеднаш, наново се пробуваат во неа како медиум. Дека е многу потешко да се одвикнеш од некаква стара навика на некаков начин на интепретација на поезија и да се навлечеш на друг.

„За да се интепретира слем поезија потребно е да се навлезе во поетиката на слемот. Да се пишува малку поинакво од она што ние го знаеме како некоја стандардна, норматизирана и класична современа поезија“, истакнува таа.

Инаку, Афродита Николова и Елена Пренџова, како претставнички на Поетски слем Македонија, беа учеснички на Европскиот поетски слем во Стокхолм, Шведска во 2014 и во Лувен, Белгија во 2016 година, а по нив на Европскиот шампионат за слем во Брисел, што ќе се одржи од 30 ноември до 2 декември, ќе патува актерот, режисер и поет Игор Трпчески.

„Овојпат ќе говорам на англиски јазик. Преводот го направи Лидија Митовска - Георгијоска и песните, се разбира, звучат поинаку. Слемот е еден интересен и современ начин на интепретација односно на изведување на поетските дела кој бара малку карактерност во изведувањето, некогаш пеење, некогаш рапување и контакт и комуникација со публиката“, вели Трпчески.

Тој појаснува дека на поетските слемови жирито традиционално се избира од публиката, значи станува збор за независно жири, коешто ги оценува сите изведувачи и така се бираат првите тројца најуспешни.

Прашан, пак, колку притоа нему во Брисел ќе му помогне долгогодишното актерско и изведувачко искуство, Игор истакнува дека тоа е една од предностите што можат, но не мораат да го издвојат од останатите 20-на одбрани изведувачи од цела Европа во предвидените три минути за настап.

„Сепак верувам дека тоа ќе ми помогне затоа што имам доста искуство со настапување пред публика и на сцена. Освен во Театарот овде во Градската библиотека во Прилеп редовно читам и водам на многу промоции на поетски книги и други литературни изданија и имам доволно искуство во тој поглед. Но тоа никогаш не се знае, бидејќи од она што успеав да видам на интернет досегашните изданија на Европскиот поетски слем се навистина атрактивни и доста добри, со сериозни текстови и квалитетни изведувачи“, вели Трпчески.

Кон ова само уште информацијата дека Поетски слем - Македонија, по две години, повторно ја доби поддршката на Министерството за култура и сега случувањето ќе се одвива во рамките на манифестацијата Нов културен бран, што само посебе подразбира дека во едни такви услови слемерски Прилеп ќе го продолжи негувањето на веќе изградената традиција. Од таму за очекување е дека по трите печатени збирки поезија и кратка проза со преку 120 автори учесници на поетските слемови и електронската книга од последниве три години, ќе следува нова објава како опиплив доказ за зголемениот интерес за слемот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG