Достапни линкови

Поетската и граѓанска пролет на Митко Гогов


Митко Гогов, поет
Митко Гогов, поет

Распнат помеѓу поезијата и граѓанскиот активизам, Митко Гогов деновиве се обидува да живее со ветар во нозете. Како член на Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ до пладне работи на деветтите по ред „Роднокрајни поетски средби“, потем на работилницата за креативно пишување во природа и на организацијата на одбележувањето на двегодишнината од постоењето на Светската унија на поети, за да попладне застане во првите редови на поворката чија заложба е да се чуе гласот на слободниот граѓанин во оваа наша разединета Македонија.

Зачнати во летото 2014 година „Роднокрајни поетски средби“ се резултат на иницијативата на луѓето собрани околу Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“. Идејата на Иван Котев, Сузана Мицева, Митко Гогов и останатите членови била да креираат платформа на која ќе може да се промовираат автори од Струмица и од регионот. Со текот на настаните нивната првична цел да ги промовираат домашните автори со еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап, прогресирала и тие дошле до заклучок дека би сакале да станат домаќини на поети од Македонија и од светот.

Сакаме „Роднокрајни поетски средби“ да бидат мегдан на автори од Струмица, но исто така и можност тие на публиката да ѝ понудат повеќе форми на интерпретација.
Митко Гогов, поет

И во овој краток временски период, генерално на алтернативни простори како црквата „Света Елеуса“ во Водоча, на Колешинските Водопади, во автентична стара воденица во Старо Коњарево, по алтернативните клубови во градот, на „Роднокрајни поетски средби“ досега се појавиле над 50 локални автори и десетина етаблирани поети од земјава и од странство.

„Знаеме дека институциите кои се занимаваат со култура генерално генерираат послаби манифестации или манифестации кои се дел од годишната програма на Министерството за култура. Затоа мислиме дека како здружение „Контекст – Струмица“ е од исклучителна важност, освен годишните програми на институциите за култура, во градот да има и неформални алтернативни или субкултурни настани со кои ќе се доближат самите идеи и оној малку посубкултурен квалитет кој го нуди државата поблиску до граѓаните“, вели Митко Гогов, претседател на оваа невладина асоцијација.

На деветтото издание на „Роднокрајни поетски средби“, кое оваа среда, на 20 април, ќе се одржи во реновираниот простор на „Сцена 112“, со своја поезија ќе се претстават Мартин Богатиноски од Скопје, Давор Крстевски и Иле Наумов од Куманово и Стефан Стефанов од Гевгелија, поети познати на книжевната сцена во Македонија. Освен нив за прв пат публиката ќе има можност да ги проследи перформансите пред отворен микрофон на Владо'Yo и Спит, обајцата членови на рап дружината КОНФЛИКТ.

„Сакаме „Роднокрајни поетски средби“ да бидат мегдан на автори од Струмица, но исто така и можност тие на публиката да ѝ понудат повеќе форми на интерпретација. Па така, отсега па натаму ќе се потрудиме освен стандардните класични поетски рецитали да имаме можност да видиме и поетски перформанси, стендап претставувања, слем поезија, фри-стајл изразување, ем-си-ја... Се надеваме дека ќе имаме можност да видиме и видео-поезија или експериментална видео-поезија. Да, целта на овие средби во иднина ќе биде да станат едно мултидисциплинарно поле во кое ќе можат да се претстават сите луѓе кои го користат зборот всушност како нивна алатка“, дополнува Гогов.

Покрај ова, „Контекст“, на 23 април, ќе ја одржи и првата креативна работилница за пишување во природа на која ќе учествуваат учениците од ОУ „Даме Груев“ Куклиш и нивните врсници од истоименото училиште во Костурино кои ќе творат под менторство на професор Александар Јанков.

Два дена по овој настан, на кој патем покрај страста кон пишувањето ќе биде развивана и еколошката свест кај младите основци, Гогов и неговите собеседници ќе го потпишат и одбележувањето на двегодишнина од постоењето на Светската унија на поети. Оваа Унија е основана од страна на италијанскиот нобеловец за литература, писателот и поет Силвано Бортолаци. Како нејзин интегрален дел функционираат делегации, односно школи за поезија (Scuola di poesia) во неколку држави во светот меѓу кои, од август 2015 година, и во Република Македонија. Прв амбасадор и претставник на нашата земја е токму концептуалниот уметник, поет и граѓански активист.

„Ова е всушност прв теренски настан кој го организираме и кој е поделен на два дела. Првиот е награден конкурс на кој учествуваат учениците од гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, а вториот, носечкиот, односно ноќниот ќе биде во клубот „Винил“ во Скопје и на него ќе се претстават многумина поети од земјава како Богатиновски, Славица Падиневска, Вероника Костадинова и мнозина други. Најпрво идејата е да направиме колку што е можно повеќе делегации од повеќе држави па потоа врз основа на така создадената мрежа да имаме можност за размена на поезијата и авторите“, вели Гогов.

Инаку, тој од 18 до 28 март годинава, по покана на интернационалната поетска мрежа и номадска организација Spoken Word Paris, учествуваше на серија интернационални поетски читања и перформанси во француската метропола.

„Настапив на носечките поетски манифестации кои се случуваат во Париз - „Spoken Word Paris“, „Open Secret“ и„Paris Lit Up“, а имав и целовечерно претставување на мојата поезија и на моето дело кое јас како автор го читав на македонски, а го интерпретираат и актери на француски и англиски јазик. Згора на тоа присуствував и на една работилница за креативно пишување во организација на едно од најпознатите книжари во светот „Shakespеare and Company“. За 10 дена имав пет активности во кои сметам дека успеав да го презентирам моето творештво, да стекнам нови колеги и пријатели за кои се надевам дека со помош на здружението „Контекст“ ќе ги одомаќиниме овде во Струмица и во Македонија, а успеав да научам и нешто повеќе за париската книжевна сцена а и тие нешто за нас“, вели тој.

Од друга страна Митко Гогов знае да каже дека му е исклучително важно тоа што ни се случува нам овде во Македонија и дека му е битно конечно правдата да излезе на виделина. Повторно во нашата земја да почне да владее слободниот дух на граѓанинот, а криминалците да се најдат зад решетки.

„Со тоа што освен како уметник, како поет и како културен работник допринесувам за подобрување на културната сцена во Струмица и воопшто во државата, се надевам дека и како граѓански активист дополнително помагам да се слушне гласот на слободниот граѓанин. Да се надминат сите тековни проблеми кои ни ги наметна сегашната власт“, вели Гогов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG