На 15 април – денот на кој е роден еден од големите гении на италијанската и европската ренесанса Леонардо да Винчи и на второто одбележување на Светскиот ден на уметноста кај нас, две значајни културни пројави поврзани со еден наслов - „Земна и небесна екстаза“.
Фридрих Ниче рекол дека убавината, уметноста служи за да се надмине, за да се совлада вистината. Тој не мисли на онаа теолошка, религиозна вистина туку на онаа егзистенцијална вистина, што ние, за жал, ја живееме во последниве неколку дена во најсуров вид.Ефтим Клетников, поет
Станува збор за промоција на книгата со светска љубовна поезија - антологиски избор на песни од Соломон, Лермонтов, Хајне, Блок, Верлен, Лорка, Кович, Шопов и Поповски, што го направи поетот Ефтим Клетников и за изложба на која, во Националната галерија на Македонија – во Мала станица, претставени се делата на современите македонски уметници инспирирани од нивните стихови. Дела на ликовни творци како Васко Ташковски, Владимир Георѓиевски, Павле Кузманоски, Ниче Василев, Симон Шемов, Доне Милјановски, Решат Амети, Петар Попчев, Стефан Хаџиниколов, Новица Трајковски, Маријета Сидовски, Гоце Божурски, Симонида Филипова Китановска, Илија Спасовски – Чендо, Вук Митевски и Бернхард Холеман од Австрија.
Претставувајќи ја оваа единствена антологија, поетот Ефтим Клетников забележува дека станува збор за „света книга“, за книга посветена на убавината.
„Фридрих Ниче рекол дека убавината, уметноста служи за да се надмине, за да се совлада вистината. Тој не мисли на онаа теолошка, религиозна вистина туку на онаа егзистенцијална вистина, што ние, за жал, ја живееме во последниве неколку дена во најсуров вид. Оваа промоција покажува дека покрај политика, онаа груба, најгруба егзистенција, на човекот му е потребна и уметност. И јас сум длабоко убеден дека му е потребна таа утопија за уметноста. Уметноста денес е исфрлена скоро во контејнери. Ова е антипоетско време според мене, а на секој чекор го гледаме тоа“, вели Клетников.
Тој потенцира дека „Земна и небесна екстаза – светска поезија и сликарство“ е посветена на раритетни, на големи автори од светската поезија, вистински, антологиски кристали и на одлични препејувачи како Блаже Коневски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски...
„Насловот е затоа што љубовта сама по себе е екстаза. Љубовта е најголемиот дар од Господ. Не само теолошката љубов за која зборуваат теолозите, туку и љубовта како Ерос. Ерос бидејќи телото на човекот му е дадено како еден вид на голема радост и на нешто свето. Иако христијанството во еден миг го прокудува телото и го прави демонско, дури го анатемисува. Но и тоа не е баш така бидејќи и во Новиот завет, Исус нема анатема на телото. Јас мислам дека тоа го нема ни во Коранот. Да не зборувам во индуистичките религии, во ведите и панишадите“, вели тој.
Поетот и приредувач дополнува дека љубовната екстаза му е дадена на човекот за да ја надмине болката.
„Со прогонот, човекот е изгонет од вечност во краткотрајност. Во смрт. Од вечно здравје во болка. И болката е темел на кој човекот гради и куќа и стреа, на која се потпира. Што би рекол Вајлд, целокупното време кружи околу болката. Е, љубовта му е подарена од Господа за да ја надмине болката. За да ги осети тие мигови на божествено вдахновение. Имено, оваа поезија говори за таа љубов – земна и небесна екстаза, бидејќи во љубовта се спојуваат земното и небесното како што би рекол Блејк, еден поет и сликар“, вели тој.
Клетников ќе рече дека во ова мала поетско-ликовна антологија по обем, сепак, според квалитетот на храната, се нуди една богата естетска гозба од поезија и сликарство, кои се неразделиви едно од друго и се поврзуваат и надополнуваат на најубав начин како единствена органска целина.
„Секој збор е слика, а секоја слика е збор, име со кое е означена таа. Тоа, пак, значи дека поетот и сликарот се во единство, целина, и тогаш кога поетот не слика, или сликарот не пишува песни. Но, постојат доволно примери кога сликарите се јавуваат како поети и обратно – поетите како сликари. Некои такви примери се посебно впечатливи. Така, познато е дека генијалниот уметник на италијанската ренесанса Микеланџело покрај генијален вајар, сликар и архитект бил и сјаен поет. Неговите прекрасни сонети денес се застапени и во најпробирливите антологии на светската поезија“, вели Клетников.
Тој потсетува и на тоа дека се познати и убавите пријателства меѓу сликарите и поетите.
„Дали и Лорка биле одлични пријатели. Тие взаемно меѓу себе се почитувале и се поттикнувале во уметничкото творештво: Дали го поддржувал Лорка во неговите ликовни, Лорка Дали во неговите поетски обиди. Лорка бил страстен цртач. Дали посебно го ценел тоа кај него и ја организирал неговата изложба на цртежи во Барселона. Голем е синџирот во кој се врзуваат алките на боемството и пријателството меѓу поетите и сликарите. Одлични пријатели, како Дали и Лорка, биле и Пикасо и Аполинер, ексклузивни модернисти и слични во темпераментот на душата и сфаќањата на модерната уметност. Пикасо исто така пишувал поезија, а Аполинер покрај тоа што цртал, пишувал и одлични есеи за модерното сликарство“, вели тој.
Конечно Клетников ќе заклучи дека многу поети најубаво пишувале за сликарството. Дека тие најубаво ги поседувале клучовите за отклучување на сликата. Како пример за ова го наведува Шарл Бодлер кој, како што вели, е поим за модерната ликовна критика. Неговите познати „Париски салони“ каде што ги откривал сликарите на европската модерна.