Достапни линкови

Бунтовноста на уметниците Вељковиќ на изложба во МКЦ


Во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, овој петок, на 18 март, во 20 часот, ќе биде отворена ретроспективна изложба на двајца уметници од семејството Вељковиќ. Со неа таткото Мишо одбележува 45 години творештво, а синот Урош деценија и половина од своето битисање на македонската ликовна сцена. За постановката ќе биде забележано дека е „интеракција и релација на дела во кои го гледаме континуитетот и тенденцијата за исказ со приказ на бунтовност кон времето и околностите кои им се сервирани на авторите“.

По цели три години откако за „Роденденот“ беше претставено творештвото на три генерации од семејството Коџоман ( дедото и внукот Вангел и таткото Милош), во МКЦ продолжува условно земениот серијал на семејни ретроспрективи. Овојпат во фокусот се Мишо и Урош Вељковиќ, кои на овој начин ги одбележуваат 45-те односно 15-те години ликовно творештво.

Од таму во „белата Галерија“ ќе се најдат повеќе од 30-на слики што таткото и синот ги одбрале и од кои очебијно блика не само континуитетот и тенденцијата за исказ, туку и приказот на бунтовноста кон времето и околностите на нивните творци. Затоа, не случајно, ликовниот уметник и раководител на Галеријата Горјан Ѓорѓиев во инспиративниот текст за каталогот забележува: Во делата на Мишо сè е подредено на неговиот внатрешен свет, неговата агресија, бес, очај, неговата душа или во крајни црти на неговата животна приказна. Мишо се окупирал со нешта што повеќето луѓе го избегнуваат, без разлика дали се уметници или не. Тој ја има тенденцијата за опис на она што во него е затрупано или бетонирано, заклучано со големи рѓосани катанци. Светот во овие слики е како џиновска утроба во која непрекидно се случува раѓање, во тој свет се плови на мистични и недефинирани облаци.

Ѓорѓиев, дури во еден момент вели дека иако лично не го познава Мишо од неговите дела тој му наликува на Сизиф, кој „одново и одново ќе му се враќа на својот камен и ќе го турка на ридот од животните превирања во неговиот внатрешен свет“.

Од друга страна, за Урош тој ќе напише дека е - горопадниот син - бунтовник, музичар, графичар, сликар кој сака да ги тргне „камењата“ од нивниот инерциски пат. И, потем некаде подолу, откако ќе констатира дека неговите слики се подредени на неговата агресија, бес, разулавен ритам на фигури и линии..., пишува:

Во случајов музиката е како вид на ѓубриво кое го абсорбира уметникот и го инкорпорира во неговата работа на платното, картонот или хартијата. Бојата е струната, очите ја даваат хармонијата, душата е гитара или тапани, уметникот е раката која игра и предизвикува вибрација во просторот. Урош настојува да имитира звук или тоналитет со реплицирање на тоналитети и гестови врз платното. За крај реалноста на Урошовите дела не е она што таа е, туку и она што го чувствува , мисли, љуби и неговата проекцијата за иднината.

И, кога ова веќе е познато, останува потребата од експликациите на таткото и синот. Секој во своето време инфицирани од мирисот на боите и играта со нив, од рокенролот како крик против стереотипите на времето во кое се живее.

„Се радувам што дојде време да изложиме некои дела што понекогаш сме ги твореле со Урош заедно, еден покрај друг. Има разлика меѓу нашето творештво. Некаде и се совпаѓаме, но тоа е така... повеќе несвесно. Чисто она што го носиме во душата, сакаш – нејќеш ќе го искажеш на платното.“

Вељковиќ постариот појаснува дека самиот има шест фази во творештвото во кои сликал случки од животот и дека она што ги врзува нив двајца, според критичарите, е бунтовноста.

„Факт е дека сум бунтовен. Да. Јас во младоста бев рокер. Свирев во група како Урош. Во младоста го начекав и времето на хипи движењето...бев хипик. Сето тоа оставило некој впечаток кај мене и во тие шест фази едноставно сум пренел на платното многу работи од животот. Некои револти. Така сум го доживеал времето и така сум творел. Затоа ми е мило што и мојот син оди по истиот пат. Ете и тој е во рокенролот, истовремено во ликовната уметност и најважно бунтовен е како мене. Не бадијала велат старите „крушата под круша паѓа“.“

Инаку, обајцата во животот и творештвото ги делат „само“ три децении. Затоа Вељковиќ помладиот не заборава да каже дека всушност концептот го изградиле на совпаѓањето на бројките. Згора дека четворката и единицата графички убаво му легнале, а тој во претставувањето посегнал по дела настанати уште во раниот средношколски период ( мртви природи, чаршии...). Не водел сметка дали е нешто авангардно или од некој специјален циклус, туку дека настојувал да понуди одредена рамка за сето она што досега го поминал. И во сето тоа нагласува дека е евидентно влијанието од својот татко. Неговиот темперамент.

„Уште го чувствувам мирисот на боја од деновите кога бев мал, две-три-четири годинки, и кога се врткав во неговото атеље. Постојано бев опкружен со боја, терпентин, масло, акрил...од мал знаев како сето тоа мириса и тоа чувство кога сега ќе ги мириснам ме враќа во тие времиња, во 1980-те години, кога тој ги сликал неговите циклуси. Значи, кога денес работам со тие бои, со тие терпентини...сето тоа ме потсетува на тоа време.“

И, по овие зборови на Урош – малку фактографија.

Роден во Скопје 1953 година, Мирослав Мишо Вељковиќ завршил Училиште за применета уметност, а потоа студирал на Педагошка академија во класта на проф. Ристо Калчески. Работел како дизајнер во „Алкалоид“ и во А.Д. „Комуна“, а член е на ДЛУМ од 1986 година.

Самостојно изложувал во повеќе галерии во родниот град, во Прилеп и во Битола, а учествувал и на повеќе групни изложби и колонии во земјава и во странство.

Урош Вељковиќ е роден, пак, во 1981 година исто така во Скопје. Тој во светот на графиката и графичките техники влегол во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ кај професорот Ѓорги Чулаковски – Ѓото. Потем формалното образование го продолжил на Ликовната академија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот за графика и графички дизајн во класата на професорот Костадин Танчев – Динка каде и дипломирал во мај 2007 година.

Сем во Скопје и во Велес, самостојно изложувал и во Белград, соседна Србија и Виена, Австрија, а учесник е и на повеќе групни постановки во земјава, во САД, Израел и во Кина. Тој е еден од основачите на независната уметничка група Арт институт - Скопје (периодот 2009 – 2012 година) и член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 2010 кога стана и добитник на наградата „Петар Мазев“ за сликарство на годишната изложба на оваа наша асоцијација.

Актуелен тапанар е во хеви-метал бендот СТИЛ ТЕМПЛ и водител на урбаната интернет БЛА БЛА телевизија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG