Достапни линкови

Сликарот Урош Вељковиќ со „Piece of cake“ во Виена


Piece of Cake е насловен интерактивниот проект што македонскиот уметник Урош Вељковиќ, на 29 јули, ќе го претстави во арт-галеријата „Мерикон“, во Виена, Австрија. Станува збор за дело кое со визуелниот јазик го слави животот, убавините на годините кои што поминуваат.

Урош Вељковиќ во своето досегашно творештво го негува апстрактниот експресионизам каде бојата е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива гестикулативна експлозивност и потполна слобода на торжествено зрачење.

Во неговиот најнов проект насловен Piece of Cake повторно ни претставува едно торжествување (свеченост) – прослава на роденден. Изложувајќи хартиени чинии-цртежи во кои била послужена роденденската торта, на кои после јадењето е оставена апстрактна трага со форма, структура и текстура, тој интервенира со цртеж со што ги преобликува и дефинира апстрактните форми во арабескни и стилизирани цртежи.

Самата порака е славењето на овој единствен живот што го имаме, на годините, на убавините што тие ги носат со себе. Мнозина ми се жалат - еј, помина уште една година. Остаревме. Јас велам не – си доживеал уште една година повеќе за тебе. Слави го тоа што ти доаѓа од иднината, а не дека си изгубил една година од животот.
Урош Вељковиќ, сликар.

Во оваа трага препознаваме асоцијации на надреалистичкиот симултан цртеж/ракопис (pure psychic automatism) каде е изразена потсвеста ослободена од рационалната контрола. Оттука во овие чинии-цртежи може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира цртеж. Интервенциите на Вељковиќ врз овие форми вклучуваат два процеса – несвесната и свесната активност. Акумулацијата на овие елементи го претставуваат човекот кој со поминатите годините, сознанија и искуства се изградува во личност.

​Ова, меѓу другото, ќе го забележи Горанчо Ѓорѓиевски во текстот за каталогот за изложбата на македонскиот уметник Урош Вељковиќ, што во вторник, на 29 јули, ќе биде отворена во арт-галеријата „Мерикон“, во Виена, Австрија. Тој дополнува дека Вељковиќ преку визуелниот јазик со овој проект го слави животот, убавината на годините кои поминуваат, убавите мали слатки нешта од секојдневието, доживеаната година повеќе старост, животното искуство и радост.

Авторот, пак, во пресрет на овој чин знае да каже дека делото се состои од неколку десетици цртежи изработени на веќе употребени хартиени тањири за торта што тој ги собирал во изминативе три години. Тие ќе бидат изложени на голем чаршав, кој ќе биде поставен на самиот ѕид како своевидна инсталација, со цртежите расфрлани по чаршавот, претставувајќи маса погледната од птичја перспектива.


Под самото дело, на постамент, ќе има исечена торта, со празни тањири до неа, спремни за употреба, без никаков знак, без никаква цел, само ќе се чека интерактивно кој прв ќе се послужи.

„Самата порака е славењето на овој единствен живот што го имаме, на годините, на убавините што тие ги носат со себе. Мнозина ми се жалат - еј, помина уште една година. Остаревме. Јас велам не – си доживеал уште една година повеќе за тебе. Слави го тоа што ти доаѓа од иднината, а не дека си изгубил една година од животот“, вели уметникот.

Инаку, оваа постановка е резултат на една случајна средба со галеристка Македонка од австриската метропола и било планирано да биде реализирана минатата година, но Вељковиќ не го спремил проектот со сите нишани како што сакал, па откако проектот го поддржало Министерството за култура, тој заминува во Виена растоварен од потребата да се грижи за неговото техничко претставување пред тамошната ликовна публика.

Роден 1981 година во Скопје, Урош Вељковиќ во светот на графиката и графичките техники влегол во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ кај професорот Ѓорги Чулаковски – Ѓото. Потем формалното образование го продолжил на Ликовната академија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот за графика и графички дизајн во класата на професорот Костадин Танчев – Динка каде и дипломирал во мај 2007 година.

Сем во Скопје и во Велес, самостојно изложувал и во Белград, соседна Србија, а учесник е и на повеќе групни постановки во земјава, во САД, Израел и во Кина.

Тој еден е од основачите на независната уметничка група Арт институт - Скопје (периодот 2009 – 2012 година) и член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 2010 кога стана и добитник на наградата „Петар Мазев“ за сликарство на годишната изложба на оваа наша професионална асоцијација.

Кон ова само уште информацијата дека Вељковиќ паралелно работи и на слики кои се во дослух со творештвото на старите мајстори, активен е и на полето на графичкиот дизајн, а со бендот СТИЛ ТЕМПЛ го привршуваат материјалот за својот трет албум со кој имаат намера да ја одбележат 15-годишнината од делувањето на македонската рок сцена.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG