Сликарката Ана Андроска својата „Приказна за бојата“ започнала да ја исцртува пред нецела година. Со идејата за оригинална боенка за возрасни најнапред го запознала Жарко Кујунџиски од „Антолог“, со кого патем поодамна потесно соработува, за да со време проектот биде вообличен на цели 106 страници кои имаат за цел да ја поттикнуваат креативноста и се одлична можност за будење на творечкиот дух и за активно пополнување на слободното време. Притоа цртежите се авторски, не ги следат светските трендови туку единствено творечкиот пристап и оригиналноста. Односно она што публиката ќе го види на цртежите е присутно и во сликарството на Андроска.
Уметницата знае да каже дека честопати кога луѓето ги среќаваат нејзините слики се воодушевени од боите и од начинот на кој што таа слика. Дополнува дека иако можеби може да звучи претенциозно, сепак боенката може да се смета и за показ за отворањето на нејзината душа. На тоа како ја создава сликата. Полна со форми и елементи. Често формите се празни, меѓутоа тоа е направено така за да остават простор за креативност на оној што ќе ја има во рака боенката.
Ана дополнува дека на овој начин таа како творец зачнува самосвоен дијалог со конзументите на нејзините дела. На боенката. На нејзината уметност.
„Ја отворам сопствената душа. Го покажувам мојот начин на создавање на слика. Цртежот е есенцијата, а понатака имагинацијата ја оставам на конзументот. Во основа е игра на форми којашто најотворено ја покажувам и ја споделувам со публиката.“
Од друга страна, во дослух со идејата за боенката за возрасни, Андроска со своите цртежи направени на лице место го илустрираше и саемскиот штанд на „Антолог“. Креираше еден вид уметничко дело на цели 40 м2 со идеја посетителите обојувајќи ги да не бидат само обични конзументи, туку и активни учесници во креирањето на комплетното дело.
„Искрено на почеток многу ми беше страв како ќе реагираат луѓето и дали ќе им се допадне тој концепт. Малку беше храбра идејата да се нацрта целиот штанд бидејќи е сепак голем, меѓутоа мислам дека успеавме. Успеав да соберам позитивни критики од минувачите, од оние од соседните штандови...мислам дека сепак на крај убаво излезе. Вреди да се види и вреди да се биде дел од сето тоа. Има боички и фломастери со кои луѓето можат да си ја доцртаат сликата, да ја добојат, да ја исполнат формата. Едноставно да ја направиме сликата сите заедно. “
Родена 1982 година во Скопје, Ана Андроска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот за сликарство и графички дизајн во класата на проф. Вело Ташовски. Во 2007 година била учесник на Интернационалната летна академија во Сазбург, кај професорката Ирина Накова од Москва, а зад себе досега има пет самостојни изложби – три со различни дела од циклусот „Сонувајќи со ѕвездите“ ( во Национална галерија на Македонија во Скопје – 2012, Музеј и завод „Куќата на Робевци“ во Охрид – 2013 и НЛБ Тутунска банка Скопје – 2015), „Лајка“ во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје – 2007 и во јануари годинава „Танц“ во Јавна соба, Скопје.
Добитник е на награда на конкурсот за идни значајни творци во Милано, Италија, а досега освен со „Антолог“, како графички дизајнер има соработувано со неколку издавачи во странство како „Биг фиш“, на пример.
Говорејќи за себе како автор Андроска истакнува дека во миговите кога работи на еден проект и доаѓаат уште илјадници идеи. Од таму, иако не планирала посебно, би сакала следната изложба да и биде токму со цртежите од „Приказна за бојата“ преточени во слики.
„Ми се чини дека би било многу интересно да се види како размислува еден автор. Како размислува еден сликар. Ако видиме цртеж а потем и негова слика тоа се две различни приказни. Кога ќе ги видиш едно до друго тогаш ти станува јасно за процесот на кој авторот создава, имагинацијата што всушност ја носи во себе.“
Конечно, „Приказна за бојата“, според „Антолог“, ќе биде меѓу првите целосно македонски издавачки продукти од овој тип за кои ќе се направи обид да се пробијат и на странскиот пазар и така да го претстават „строго уметничкиот пристап кон илустрацијата“.