Андријана Мациев, овојпат подарува грст радости спакувани во црвено. Концепт со чист хроматски опсег кој потсеќа на неизвесна есен... Навидум егзекутиран поентилистички крик, но секако силно звучен графички израз... Визуелно дивергентни , длабински осмислени секвенци кои раскажуваат за еден сон. Нејзината судбина трагајќи по отелотворување на мечтите и подарува пат, лавиринт , наречен живот во бои. И тогаш, кога ќе помислиме дека светот е црно-бел, таа смело ни открива една вистина...маѓепсува со зачинети колористички изјави, потсетувајќи не дека светот е убав. Делата на Мациев пленат со својата радост, раскажуваат за љубовта, безгрижно танцуваат низ патувањето наречено живот.
Ова ќе го напише Мирјана Крстева Масети во текстот за каталогот од изложбата „Живот во бои“ на нејзината колешка Андријана Мациев, што од 3 до 17 март, ќе се одржи во Галеријата „Бада Бум“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во Безистен, во старата Скопска чаршија. Станува збор за камерна постановка која во несекојдневниот топол и интимен простор ќе понуди педесеттина дела, цртежи и слики во помал формат, настанати во последниве неколку месеци. Поточно во периодот кога обете го имале својот двомесечен студиски престој во Париз и твореле во тамошното македонско атеље.
Говорејќи за ова искуство Мациев знае да каже дека Градот на светлината и ги отворил многу повеќе видиците. И подарил нова позитивна енергија и буквално во Париз ги видела боите на животот. Од таму и насловот на изложбата - „Живот во бои“.
Ние уметниците честопати бегаме од секојдневието, од реалноста, и имаме некој свој сопствен свет кој што е поразличен од другиот. Секогаш што и да ни се случува, независно дали е тоа позитивно или негативно, сето тоа настојуваме да го искористиме и да го преточиме на хартија или на платно во позитивна смисла.Андријана Мациев.
„Животот е исполнет со многу убавини. Ако ние знаеме да го живееме како што сакаме, да ги зграбиме сите убави моменти, љубовта, природата, чувството дека сме сакани, почитувани тогаш живееме во боја. Иако е можеби нескромно тоа да го кажам за себе, меѓутоа сите оние мои блиски, пријатели, другари...секогаш имаат добра желба и волја да се дружат со мене затоа што јас секогаш ја гледам позитивната страна на животот. И затоа го гледам животот во боја. Сè што ми се случува е во боја. Еве и денеска му се радувам на овој прекрасен сончев ден. Тој ми дава позитивна енергија и ме тера да продолжам да го следам процесот на истражување. Искуствата од него како и секој уметник ги пренесувам на хартија или на платно.“
Андријана е свесна дека живееме во грдо време. Дека постои злоба, пакост и завист меѓу луѓето, но дека таа упорно се обидува да ги види нештата од другата страна. Да не се дружи со негативци.
„Ние уметниците честопати бегаме од секојдневието, од реалноста, и имаме некој свој сопствен свет кој што е поразличен од другиот. Секогаш што и да ни се случува, независно дали е тоа позитивно или негативно, сето тоа настојуваме да го искористиме и да го преточиме на хартија или на платно во позитивна смисла. Да излезат убави дела. Дела кои кога ќе ги гледаат луѓето нема да знаат во каква состојба сме биле кога тие настанувале. Оставаме делата да зборуваат. Јас лично и кога сум била во најтешки моменти моите дела биле со многу позитивни. Многу убаво изгледале и носеле таква енергија. Така да, и овојпат, гледав да ја искористам убавината на животот и да ја пренесам во делата. “
Уметницата дополнува дека токму и затоа ја радуваат убавите зборови за нив, позитивните критики од колегите, познавачите на уметноста и најмногу од публиката.
„Сите ние работиме нашата уметност да и се допадне на пошироката публика. Се разбира не секој може да ја сфати уметноста, но ако таа допрела до некого барем во еден сегмент тоа значи дека сме успеале во нашата намера да ги споделиме чувствата и вештините. Идеите. “
Родена 1980 во Скопје, Андријана Мациев средно образование завршила во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“, а дипломирала и магистрирала на Факултетот за Ликовни уметности во одделот графика во класата на професор Димитар Малиданов.
Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија и зад себе, од 2006 наваму, има повеќе самостојни изложби и групни постановки, манифестации и ликовни колонии во земјава и надвор од неа.
Добитничка е на повеќе награди меѓу кои Прва награда од Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ , награда на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, Награда за посебен придонес во уметноста на графиката и „Chamalieres, 8 Mondial de l Estampe et de la Gravure Orginale Triennale de Chamalieres“.
Автор е и на перформансите „Слика, Музика, Поезија“ што во 2011 година се одржаа во МКЦ и клубот Парадизо во Скопје, а учествувала и на бројни графички работилници, на средби за изработка на рачна хартија и на едукативни собири за сликање со вино.
Инаку, по оваа, како што самата ја именува „мала камерна постановка“, Мациев се подготвува, летово или некаде наесен, во класичен галериски простор, да направи своја голема изложба каде што ќе бидат изложени нејзините графички дела во поголеми димензии. Забележува дека се уше го нема насловот за неа, но сигурна е дека тоа ќе бидат графики кои секоја за себе ќе биде посебна а заедно ќе чинат една целина. Еден концепт каде повеќе отпечатоци се спојуваат и прават едно големо дело.