Достапни линкови

„(По)трагите на водата“ - изложба на акварели


(По)трагите на водата“ е насловена изложбата на акварели што ќе биде отворена овој петок, на 5 февруари, во 19.30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Ќе бидат презентирани повеќе од триесеттина дела од кои некои по прв пат се изложуваат пред публиката, организатори на постановката се Националната галерија на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, и таа е интегрален дел на проектот „Кич,да!?/сте или не/“ поддржан од Министерството за култура.

По мајското претставување во скопски Чифте амам кога беше презентирана целокупната постановка од 70 дела и по минатогодишните средби со ликовната публика во културните центри во Велес, Битола, Кавадарци, Штип и Крива Паланка, патувачката изложба на акварели „(По)трагите на водата“, в петок, на 5 февруари, ќе го започне својот престој во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Оваа изложба преку познати и издржани автори го свртува вниманието на старите сликарски техники и основоположничката генерација на акварелисти во Македонија. Овој медиум отсекогаш бил по малку запоставен и малку од уметниците се одлучуваат да работат во оваа техника затоа што е многу тешка за исполнување.
Елена Георгиевска, кустос во Националната галерија на Македонија.

И во оваа пригода ќе биде презентирана скратената или прилагодената селекција која се состои од повеќе од триесеттина дела од кои некои по прв пат се изложуваат пред публиката. Организатори на постановката се Националната галерија на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, и таа е интегрален дел на проектот „Кич,да!?/сте или не/“ поддржан од Министерството за култура.

Изложбата симболично именувана како „(По)трагите на водата“, според кураторот - Елена Георгиевска, кустос во Националната галерија на Македонија, презентира избор на уметнички дела остварени во еден визуелен медиум - акварелот, со истакнат број уметници, опфаќајќи еден импресивен попис на повеќе генерации од различни поднебја со посебни уметнички сензибилитети. Меѓу авторите на акварелите застапени во колекцијата на Галеријата се претставници од најстарата генерација современи академски сликари од Македонија меѓу кои Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Киро Караџа, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски и Василие Поповиќ - Цицо, како и одредени познати имиња (врвни мајстори) од соседните држави (кои патем покрај сликарството работеле и акварели) како Томислав Кризман, Јован Бјелиќ, Коста Хакман, Петар Лубарда, Предраг Милосављевиќ – Пеѓа и Никола Славин.

Регистарот на акварелното сликарство, продолжува со создадени дела од авторите Лена Стефанова, Ејуп Умер и Богољуб Ивковиќ, кои во својот творечки опус периодично или експериментално работеле акварел, или пак, негова имплементација во делото (цртеж во комбинирана техника со акварел, гваш) на нашите творци Симон Шемов, Владимир Георгиевски или Станко Ѓорѓиев, додека некои од уметниците се најпрепознатливи во своето творештво во акварелната техника како Никола Бутров, Илија Кавкалески- Кавкале, Теофил Шулајковски-Тофе и Јакуп Хајро.

„Оваа изложба преку познати и издржани автори го свртува вниманието на старите сликарски техники и основоположничката генерација на акварелисти во Македонија. Овој медиум отсекогаш бил по малку запоставен и малку од уметниците се одлучуваат да работат во оваа техника затоа што е многу тешка за исполнување, затоа што самиот акварел не дозволува грешки како на пример маслото на платно каде се возможни поправките и доработките. На овој начин сакав да потсетам и на вистинските вредности во уметноста воопшто и посебно кај нас“, вели Георгиевска.

Таа дополнува дека патува секаде онаму каде и што оди постановката и дека од средбите со посетителите и посебно со младите ликовни уметници дошла до заклучок дека таа во случајов израснува до еден вид визуелен предизвик кој може да ја разбуди и да ја крепи желбата за творење токму во овој медиум.

„Затоа е добро со вакви уметнички ангажмани да се сврти вниманието на нешто со докажана вредност, иако навидум можеби тоа изгледа дека е на маргините, ама јас верувам дека сето тоа има свој придонес во менувањето на свеста за творештвото во дадениот медиум, туку и воопшто во нашиот однос кон уметноста, кон културата.“

Инаку, по 17 февруари и Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, следната станица на изложбата на акварели „(По)трагите на водата“ ќе биде Македонскиот културен центар во Софија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG