Достапни линкови

Балкански современ акварел во Уметничка галерија Куманово


Акварел на сликарот Васко Ташковски.
Акварел на сликарот Васко Ташковски.

„Балкански современ акварел“ е насловена изложбата што од 26 декември до 20 јануари наредната година се одржува во Уметничка галерија - Куманово. Станува збор за постановка на која се изложени триесеттина дела од значајни и наградувани претставници на овој вид сликарска техника од регионот и за развивање на идејата да се сврти вниманието кон актуелните состојби во акварелот и колку што е можно позитивно да се влијае врз појавата на нови творечки имиња.

Ѓорѓе Петровиќ и Хрвоје Перузовиќ од Хрватска, Миливоје Богосављевиќ Миќко од Србија, Златко Девиќ од Босна и Херцеговина, Андреј Јанев и Васил Василев од Бугарија, Ахмед Шинаси Ишлер, Нури Јаваз и Шериф Шен од Турција и нашите Трајче Јанчевски, Васко Ташковски, Илија Кафкалевски, Никола Бутров, Данчо Ордев, Олга Димитрова Оља и Смиле Цветановски се 16-те реномирани и наградувани ликовни творци од регионот чии дела се поместени на изложбата што до 20 јануари се одржува во Уметничка галерија Куманово.

Овој проект треба да ја покаже и подготвеноста за навраќање кон извориштата на сликарското изразување, а преку најизразитите претставници од балканските земји ќе допре до најсуптилните естетски дострели покажувајќи дека, иако запоставен, акварелот овозможува врвни уметнички резултати со широк дијапазон на стилски припадности.
Виктор Божурски, куратор.

Идејата за организирање на оваа постановка е да се сврти вниманието на културната јавност кон акварелот и неговите протагонисти и колку што е можно да се влијае во појавување на нови творечки имиња. Всушност, како што забележува кураторот и историчар на уметноста Виктор Божурски, преку иницијативата за изложбава истовремено се создава можност и за промоција на Република Македонија како значаен уметнички центар кој ги следи актуелните збиднувања на еден специфичен, малку подзапоставен сегмент од современата уметност.

Акварел на сликарот Ѓорѓе Петровиќ од Хрватска.
Акварел на сликарот Ѓорѓе Петровиќ од Хрватска.

Акварелот како техника, за жал, го нема своето вистинско значење во денешната современа македонска уметност.
Виктор Божурски, куратор.

„Овој проект треба да ја покаже и подготвеноста за навраќање кон извориштата на сликарското изразување, а преку најизразитите претставници од балканските земји ќе допре до најсуптилните естетски дострели покажувајќи дека, иако запоставен, акварелот овозможува врвни уметнички резултати со широк дијапазон на стилски припадности. Покрај желбата да се направи увид во состојбите на овој план во актуелниот миг во балканските земји, намерата е преку изложбата да се делува на менувањето на сфаќањата за инфериорната положба на акварелот во поглед на неговото вреднување. Претпоставка е дека ова ќе биде и уште еден прилог кон давањето придонес во менувањето на маргиналната поставеност на оваа ликовна дисциплина, повеќе или помалку, скоро во сите средини од каде што доаѓаат уметниците“, вели Божурски.

Тој дополнува дека и онака се ретки примерите на пасионирани вљубеници кои преку својата активност настојуваат да му ја вратат достоинствената позиција на акварелот која што ја заслужува. Затоа, како што ќе рече, кога во догледно време и во некоја друга прилика ќе се приклучат и оние автори од балканските земји кои во овој случај не се одзвале на повикот како на пример, Шабани од Албанија, Мацановиќ од Црна Гора, Вујовиќ, Марковиќ и Туцовиќ од Србија, Маиа С. Опера, Лиа Попеску, Елена Стоица од Романија, Спирос Коливас од Грција или брилијантниот Атанас Мацурев од Бугарија, но и многу други за кои постојат сознанија за вредностите на нивното творештво, ќе се добие покомплетна слика за состојбите во балканските земји, а самата изложба ќе има уште повисоко ниво и значење.

Од друга страна, кураторот говорејќи за состојбите на ова творечко поле во нашава земја, забележува дека акварелот во последниве години кај нас „не е во тренд“, дека не им е толку интересен на сликарите со оглед на тоа дека уметноста оди во некој друг правец.

„Акварелот како техника, за жал, го нема своето вистинско значење во денешната современа македонска уметност. Секако дека има млади автори кои работат со оваа техника и јас би сакал оваа изложба да ја поттикне таа нивна заложба, односно оваа техника се повеќе да се практицира во Македонија бидејќи знаеме дека останатите балкански земји одат напред во тој поглед. Сите се пред нас, без разлика на тоа дали организираат биенални или триенални изложби на акварел, а ние овде стагнираме на оваа тема“, вели кураторот.

Виктор Божурски појаснува дека во изминатиот период имало неколку обиди на овој план како „Биенале на современиот македонски акварел“ во Пехчево од 2005 година (чии иницијатори биле Ибрахим Беди и Гоце Божурски), кое се случило само еднаш и „Акварелниот симпозиум“ (финансиски потпомогнат од општината Карпош во Скопје) под раководство на сликарката Пандора Апостолоска Саздовска кој наново ја детектирал празнината во практицирање на акварелната техника од страна на современите македонски уметници. Вели дека на прсти можат да се избројат самостојните изложби на акварел, та затоа потенцира дека по завршувањето на изложбата во Уметничка галерија Куманово, „Балкански современ акварел“ , од 21 јануари до 3 февруари 2015 година, ќе биде претставена и во Музеј на град Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG