Пет комплексни дела, инсталации кои вклучуваат фотографии, графика, објекти, видеа и звук, се претставени на изложбата „Чиста соба“, или „Cleanroom“, на Маја Кировска, што од 24 декември до 15 јануари наредната година се одржува во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Станува збор за деветта самостојна постановка на уметницата на која дадениот наслов го носи обединувачкиот елемент за сите дела прикажани на постановката и стои како еден вид симбол за галерискиот простор каде исто толку различни ситуации од секојдневието се извадени од контекст и се ставени за набљудување, интервенција и репарирање.
Го работам од 2011 година и тој опфаќа дела кои поради една своја заедничка карактеристика се решив да ги обединам во една целина. Сите тие претставуваат и се резултат на некоја случајност, односно на нешто што го имам видено и препознаено во секојдневниот живот.Маја Кировска, уметница.
Во пресрет на отворањето на изложбата, Кировска појаснува дека всушност едно од делата со наслов „Варијација на грешка“ навистина е направено од оштетени податоци од еден хаварисан компјутерски хард диск, добиени со интервенција за спасување податоци која се врши во токму такви контролирани услови на чиста соба. Вели дека после спасувањето на податоците во специјализиран сервис, од сите оштетени фајлови кои не можат повеќе да ја вршат својата примарна функција, одбран е еден кој е специфично обработен за потребите на делото во повеќе варијации.
Дополнува дека друго, пак, зборува за промените кои човекот ги прави во животната средина и за тоа како останатите живи организми реагираат на ваквата вештачки создадена средина несвојствена за нив, а трето („Кристал“) кое е направено од случајно најдени отпадни материјали, без поголема интервенција, поседува извесен степен на визуелна убавина и е дело кое ја начнува темата за рециклирањето и разликите во перцепцијата од ралични точки на гледање.
„Проектот „Cleanroom“ или „Чиста соба“ е подолготраен творечки ангажман. Го работам од 2011 година и тој опфаќа дела кои поради една своја заедничка карактеристика се решив да ги обединам во една целина. Сите тие претставуваат и се резултат на некоја случајност, односно на нешто што го имам видено и препознаено во секојдневниот живот, дали некој предмет или настан и сите тие се искористени и преработени. Можеби во обичниот живот имаат негативен карактер, но овде се пренаменети во контекст на уметничко дело што значи дека нивниот карактер е променет и без некои посебни интервенции тие се изложени такви со цел да изразат став или критика на нашето секојдневно живеење, општеството итн.“, вели Кировска.
Од друга страна, во каталогот за изложбата, кураторката Виолета Калиќ ќе забележи дека преку овој проект, кој е во рамките на нејзините претставувања со ангажиран карактер и актуелен концепт на инсталација, уметницата акцентира повеќе суштествени проблеми и базични сегменти од човековата егзистенција, поимот битие, суштината и смислата на животот, моќта и немоќта за запазување на автентичното, на основните пориви, потиснати желби, до се повеќе рудиментирани инстинкти, нагони, нивното обезличување, балансот и дебалансот помеѓу природата и технологијата, сеопшата механизација, технологизација, која ја девастира сè поагресивно човековата природа до апсурд.
Родена во Скопје, Маја Кировска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” на отсек графика, со насокa графички дизајн во 2007 година. Набрзо станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а две години подоцна, со неколку колеги ја формирале уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и го основале истоимен културен центар во Скопје.
Во 2011 магистрирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности, а досега самостојно сем во Македонија се претставувала и во Хрватска и САД (Њујорк). Има учествувано на голем број групни изложби и фестивали во земјава и во странство (Копенхаген, Сиена, Венеција, Сплит, Белград, Париз, Софија, Вилнус, Хаифа, Амстердам, Алкмар, Тирана, Ричмонд, Сараево, Будимпешта, Баку, Прага итн.), а веќе две години е делува и во уметничката група МОМИ.