Достапни линкови

„WO-MAN“ или критика на експлоатацијата на жената во маркетингот


Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, до 14 декември се одржува изложбата „WO-MAN“ на Христина Зафировска. Оваа постановка, која нуди лична творечка критика на сѐ повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата, во првата половина на ноември ја виде и скопската ликовна публика, а уметницата учествуваше и на претставувањето на проектот „Resist! What?“ што групата МОМИ го стори минатиов викенд во галерија „Карас“ во Загреб, Хрватска.

Проектот „WO-MAN“ на Христина Зафировска нуди една лична критика на сè повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата. Револтот на авторкатат произлегува од медиумските претстави за предвидената квазифункција на жената во општеството кои вршат еден вид секојдневна инфотортура и свесно наметнуваат норми за изглед и однесување. Наспроти сите декларативно добиени законски права што ги изедначуваат жените и мажите, се понаметнато се случува манипулативно изместување на претставите за цивилизациските достигнувања, вредности, карактеристики што се позитивен пример на полова / родова еднаквост и, за жал, во современите рекламни кампањи ( базирани врз телесната појавност), речиси без исклучок, функцијата на жената се дефинира како синоним за репродукција и сексуалност.

Ироничниот дел е тоа што насловот е поделен на слогови. Зборот Woman значи жена, но вака претставен во себе го содржи и зборот маж. Од таму на изложбата се претставени дела, експонати од зборови каде што машките се сменети со женски карактеристики.
Христина Зафировска, уметник.

Ова, меѓу другото, ќе го запише кураторката на проектот Маја Чанкуловска Михајловска во текстот за изложбата „WO-MAN“ на Христина Зафировска, што до 14 декември се одржува во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Христина Зафировска.
Христина Зафировска.

Оваа постановка на која се изложени објекти во повеќе техники и материјали, во првата половина од минатиот месец, во Културно информативниот центар, ја виде и скопската ликовна публика, а уметницата знае да каже дека всушност се работи критичка промисла врз една актуелна тема и за некој вид иронија и поигрување со насловот и зборовите.

Кај нив е многу послободно и подоминантно човекот да може слободно да си го каже својот став. Кај нас, пак, се уште има некоја тенденција да се ќути. Да се голтаат некои работи кои што им сметаат верувам на повеќето од нас.
Христина Зафировска, уметник.

„Ироничниот дел е тоа што насловот е поделен на слогови. Зборот Woman значи жена, но вака претставен во себе го содржи и зборот маж. Од таму на изложбата се претставени дела, експонати од зборови каде што машките се сменети со женски карактеристики, а во принцип, како главна тема се наметнува критиката на експлоатацијата на жената во маркетинг индустријата.“

„Моми“.
„Моми“.

Зафировска дополнува дека всушност станува збор проект кој што ќе се развива и понатаму бидејќи една тема кога ќе се отвори не треба така лесно да се остава настрана.

„Има многу додатни елементи кои што би можело да се развиваат во иднина, кои што планирам да ги инкорпорирам, така да тоа течение на проектот ќе продолжи и останува само да видиме дали новите сознанија ќе можам да ги претставам во текот на следната или можеби некоја година подоцна. Конечно за 2014 изложбава завршува со Прилеп, но за следната би можела да се префрли во некој друг град од Македонија. Има планови и најави, но сето тоа ќе треба да се потврди со определување на термините за нејзино наново излегување во јавноста.“

Родена 1983 година во Скопје, Христина Зафировска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на отсекот сликарство, насока графички дизајн, во класата на професор Симон Шемов. Работи сликарство, графички дизајн, инсталација, цртеж, фотографија и видео и зад себе има 12 самостојни изложби во Република Македонија, Бугарија и во Германија.

Член е ДЛУМ од 2009 година, а учествувала и на повеќе групни изложби, фестивали, работилници и регионални проекти од областа на културата што се одржувале во земјава и во странство.

Зафировска делува и во рамките на уметничката група МОМИ која има потпишано дури 11 поставки во земјите од регионов. Последното нивно претставување се обистини во деновите од минатиот викенд кога во галерија „Карас“ во Загреб, Хрватска, тие го изложија својот проект „Resist! What?“.

Според МОМИ оваа постановка дава можност за двозначно толкување - како отпор и да се оддолее - како критичка свест и отпор кон одредените репресивни општествени аномалии; социјално-економската несигурност, родовите/културолошките стереотипи; секојдневната глобална социјална комуникација, ... но, во својата спротивност и како потреба/нужност/желба/намера да се „истрае“ пред предизвиците на „радосните животни моменти“ и себесатисфакцијата, односно еден хуманистички, хедонистички, та дури и забавно декадентен „чин на творење и битисување“.

Говорејќи за приемот кај тамошната културна јавност Зафировска вели дека бил топол, со забелешка дека темите што тие ги обработуваат и не се некоја особено силна новина за средината која е свртена кон Европа и која многупати досега имала можност да види постановки во кои силно се заговара борбата за правата на индивидуите.

„Кај нив е многу послободно и подоминантно човекот да може слободно да си го каже својот став. Кај нас, пак, се уште има некоја тенденција да се ќути. Да се голтаат некои работи кои што им сметаат верувам на повеќето од нас. Генерално сметам дека во Хрватска има поголема слобода на изразот. Во Македонија, на пример, да се конкурира со една ваква тематска изложба пред Министерство за култура не сум сигурна дека ќе ја одобрат.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG