Достапни линкови

(De)Framed 8.2 - Изложба на креативна студентска енергија


Триесеттина дела ја чинат групната изложба насловена (De)Framed 8.2 на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет што од 22 април се одвива во Галерија 8 во Старата скопска чаршија. Станува збор за проект чија цел е да го предочи ослободувањето од стегите на академскиот реализам и создавањето свој креативен ликовен белег.

Душица Симовска, Симона Илиева, Тина Виторовиќ, Андреа Петровска, Елмедина Ибиши, Нина Вучиниќ, Далибор Смилески и Мартин Стојмировски се младите творци чии слики се претставени на изложбата насловена како (De)Framed 8.2 што се одржува во Галерија 8 во Старата скопска чапшија. На оваа групна постановка на студентите за Арт и дизајн при Европскиот универзитет вклопени се креативното наспроти инвентивното, апстрактното наспроти реалното, концептот наспроти визуелната претстава...
Сега самите студенти почнуваат на свој начин да се изразуваат врз медиумот што го одбрале - врз платното, хартијата и слично.
Благојче Наумовски, универзитетски професор.


Делата се работени во најразлични сликарски техники – од акварел, пастел, темпера до маслена и акрилна техника на платно, а нивниот професор Благојче Наумовски забележува дека целта на проектот е, преку визуелизацијата на една од можностите, културната јавност да се запознае со преобразбите на просторноста и на формата, а наедно да биде предочено и ослободувањето од стегите на академскиот реализам и создавањето свој креативен ликовен белег.

„Сега самите студенти почнуваат на свој начин да се изразуваат врз медиумот што го одбрале - врз платното, хартијата и слично. Значи графичкиот дизајн носи повеќе плакатно сликарство, врз сликата да одат со еден дизајнерски поглед, оние кои студираат моден дизајн да ги претстават тие специфики, другите пак кои се бават со ентериерот нудат фрагменти од околината во различни формати на самото платно, хартија,дрво или што и да е. Така, да од таму дојде (De)Framed 8.2, целата таа концепција за насловот на изложбата.“
Ми се чини дека работите започнаа да одат во убава насока, но сепак се уште се присутни срамежливоста, неслободата и стегнатоста. Кога тоа ќе се ослободи, верувајте капацитетот на македонските сликари, вајари, графичари...е толку голем што тие може да направат вистински бум.
Благојче Наумовски.


Наумовски дополнува дека оваа генерација на идни творци можеби е малку постегната во однос на оној буквален класичен академски реализам, но дека е многу послободна кога станува збор за ослободувањето на формата и нивната креативност во прикажувањето на нештата од нивен агол. Вели дека тие самите дошле многу брзо од срамежливите потези до апстрактниот експресионизам каде што се видни слободата и сигурноста на четката.

„Тие се доста храбри во тоа што го работат и имаат навистина интересни идеи затоа што не го претставуваат актот, да речеме, буквално како реализам. Да, има на изложбата доста реални слики, но сето тоа го даваат онака како што треба тоа да се стори денес во 21 век за да на вистинскиот начин излезе нивната имагинација. Станува збор да млади луѓе кои се доста слободни и креативни и кои ги работат своите стилови од апстрактен експресионизам, преку реализам и стигнуваат до асоцијативна апстракција, фигуративност и поп-арт ...Значи, буквално комбинираат едно со друго и можам да кажам дека крајниот резултат е навистина воодушевувачки. “

Инаку, запрашан за тоа каде се движи нашата млада уметничка сцена во однос на светските процеси, Благојче Наумовски смета дека е евидентна блага стагнација во однос на идеите. Вели дека имаме одлични сликари, потковани сликарски генерации кои излегуваат од Академијата и од другите високошколски установи, но дека недостига здрав концепт а без тоа ниту едно дело не е релевантно во времево во кое живееме, во 21 век. Дополнува дека ја нема иновативноста од пред неколку години бележита со пројавата на Арт институт, но потенцира дека радува изгревот на други творечки групи кои можат да го сторат пожелуваниот исчекор.

„Ми се чини дека работите започнаа да одат во убава насока, но сепак се уште се присутни срамежливоста, неслободата и стегнатоста. Кога тоа ќе се ослободи, верувајте капацитетот на македонските сликари, вајари, графичари...е толку голем што тие може да направат вистински бум што нема да биде спорен никаде во светот. “
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG