Достапни линкови

Човек треба да се изразува силно и моќнo


„Портрети на душевно болни луѓе“ е насловена изложбата на Јасминка Новковска, Остенов уметник за 2015 година, што ќе биде отворена овој четврток, на 11 февруари, во 18 часот, во Галеријата Остен во Скопје. Ќе бидат изложени 34 дела кои симболизираат драматичност, хаотичност, страв и страст.

„Како последица на глобализацијата кај современиот човек се јавува состојба на загубеност, на осаменост, на отуѓеност, духовна празнина и морален пад. Значи загуба на духовните и душевните дејности и нагонот за живот. Сето тоа влијае на животот на човекот, психата на човекот и во тој контекст се насликани душевно болните и луди луѓе“, вака Јасминка Новковска, во предвечерието на отворањето на изложбата во Галерија Остен, ќе ја започне сторијата за својата нова постановка насловена „Портрети на душевно болни луѓе“.

Мислам дека уметникот треба да твори во духот на времето во кое што живее. Не треба да се одбегнуваат тие проблеми. Убедена сум дека јавно треба да се зборува за нив. Човек треба да се изразува силно и моќно за да допре визуелно до гледачот.
Јасминка Новковска.

Ќе биде претставена селекција од 34 дела кои премерно публиката ги виде во рамките на нејзиното, како што ќе забележи кустосот Љупчо Маленко - „психолошко-психијатриско истражување“, именувано „Во кој свет живееме?“, од почетокот на октомври минатата година во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“.

„Секогаш го работам тоа што е проблем на општеството, проблем на човекот. На психата, на глобалниот свет, социјалните и духовните проблеми. Мислам дека уметникот треба да твори во духот на времето во кое што живее. Не треба да се одбегнуваат тие проблеми. Убедена сум дека јавно треба да се зборува за нив. Човек треба да се изразува силно и моќно за да допре визуелно до гледачот“, вели Новковска.

Уметницата појаснува дека притоа таа користи силни и експресивни бои, дека во нејзините дела има пишувани посланија и пораки. Отишла до таму што, во случајов, посегнала по креонот, шминките и фломастерите за да ги нагласи сопствените пораки. Да ги претстави луѓето како „нашминкани“, како со маски, преправени, како вештачки кукли. Да ги нагласи драматичноста, хаотичноста, стравот и страста. Да ги откриеме душевните состојби на оние околу нас.

Родена 1975 година, Јасминка Новковска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Специјализирала и магистрирала на Националната ликовна академија во Софија во 2003 година, а зад себе има и студиски патувања во Париз и во Рим.

Досега има реализирано 17 самостојни изложби во земјава, соседна Бугарија, Германија и во САД, а пред деценија и половина беше претставник на Република Македонија на Франкофонските игри што се одржаа во Отава, Канада.


Уметницата е автор и на ликовниот перформанс пред Галеријата „Око“ на тема „Еротиката на улица Македонија“, досега учествувала во над 40-на групни постановки, добитник е на наградата ,,Љубомир Белогаски“ за најуспешен млад автор за изложбата „ЕРА“ што се одржа во Музеј на град Скопје во 2000 и член е на ДЛУМ од 2012 година.

Инаку, Новковска лани беше прогласена за Остенов уметник за 2015, а во последно време е фокусирана на подготовките на својата нова изложба која што е предвидено да се одржи нареднатата година во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица. На неа таа тематски ќе се бави со растителниот и со животинскиот свет, а делата се работени во пастел и акрилик.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG