Достапни линкови

Остен биенале на цртеж „Скопје 2014“


Со врачување на признанијата на наградените автори во Галеријата, овој четврток на 18 септември во 20:20 часот, свечено ќе биде отворено Остен Биенале на цртеж „Скопје 2014“. Манифестацијата ќе биде крунисана наредниот ден во истиот термин со поставката во Изложбениот салон на МАНУ на која ќе бидат претставени делата на 150 селектирани творци од земјава и од странство.

Како интегрален дел од концепт манифестацијата каква што е Светската галерија на цртеж, годинешното издание на Остен Биенале на цртеж „Скопје 2014“ предизвика огромен интерес кај творците од светот.

Голем одѕив имавме од уметниците и тоа ни е особено драго затоа што можеме да следиме некако во текот на годините дека интересот и популарноста на Биеналето на цртеж интернационално сè повеќе и повеќе растат.
Корнелија Конеска, извршен директор на ОСТЕН.

На отворениот конкурс пристигнале 1416 дела испратени од 474 уметници од 53 земји во светот, по што интернационалното жири во кое биле Николас Тау, доверител и програмски менаџер на Интернационалната фондација за музика и уметност од САД, Аните Халдеман, куратор на одделот за цртеж и графика на Музејот во Базел – Швајцарија и Павле Пејовиќ, уметник и директор на националниот музеј на Црна Гора, навистина немало лесна задача да ги одбере најдобрите и да ја направи селекцијата на делата кои ќе бидат претставени во каталогот на Биеналето на цртеж 2014.

Како еден од многуте наградени јас сум и благодарен на Комисијата која ми помогнала во потврдување на тоа што сум го чинел во оној момент кога сум цртал допирајќи разни елементи.
Душан Перчинков, уметник.

„Голем одѕив имавме од уметниците и тоа ни е особено драго затоа што можеме да следиме некако во текот на годините дека интересот и популарноста на Биеналето на цртеж интернационално сè повеќе и повеќе растат“, ќе забележи Корнелија Конеска, извршен директор на ОСТЕН.

Инаку, исклучително долга е листата на награди и признанија што ќе бидат доделени на оваа Манифестација, па така од таму фрагментарно треба да се спомене дека Светската асоцијација на визуелни уметности своите награди им ги додели на Пјер Пинончели од Франција и Сафет Зец од Босна и Херцеговина (обајцата се именувани за УМЕТНИЦИ НА СВЕТОТ), Анка Буриќ од Црна Гора ја доби наградата на Интернационалната фондација за музика и уметност, а нашиот Душан Перчинков е овенчан со посебно признание на жирито за високи уметнички достигнувања.

„Како еден од многуте наградени јас сум и благодарен на Комисијата која ми помогнала во потврдување на тоа што сум го чинел во оној момент кога сум цртал допирајќи разни елементи, правејќи цртеж како скица, како почетен запис во апострофирање на нешто многу битно во имагинацијата и правејќи можеби понекогаш и цртеж кој е сам за себе цел“, вели Перчинков.

Од друга страна, Ана Плавинскаја од САД е добитничка на првата награда за цртеж, Јармила Вешовиќ - Рус (Франција/Црна Гора) онаа за сликарство на хартија, Бранислав Бркиќ за графика, нашиот Игор Јосифов кој живее и твори во САД за оригинално дело на хартија, а на Александра Косон од Полска ќе ѝ биде доделено признанието за млад уметник.

„Цртежот за мене е конструкција, основа за секоја слика, за секое мое дело. Како некоја архитектура цртежот ја крепи сликата, бојата и јас мислам дека без цртежот нема добра уметност. Тоа е пред се одлика на сите размислувања и креации на уметникот без разлика на тоа што медиумите се сменија, што новото време донесува ново видување на уметноста и на животот. Сепак и таквата концептуална новина никогаш не успеа да ги смени значењето и важноста на цртежот во креирањето на уметникот. Психичката основа на една слика е цртежот. Најличната и најсуштествената емоција во создавањето на една слика е цртежот“, истакнува уметницата Вешовиќ – Рус, која подолго време живее и со успех излага во Париз, Франција.

Кон ова само уште потсетување на информацијата дека претходно на големиот шпански сликар Хуан Миро му беше доделена наградата Светско културно наследство, а на контроверзната Марина Абрамовиќ, Гран при за животно остварување. Притоа мнозина се понадеваа дека Црногорката од САД ќе допатува на Биеналето на цртеж во Македонија за да ја прими наградата, но од Остен потврдуваат дека таа ќе има само видео обраќање бидејќи истиот ден ќе биде во Лондон каде ќе биде отворањето на нејзината нова самостојна изложба.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG