Достапни линкови

Прв фестивал на македонската сатира


Плакат за фестивалот на македонската сатира
Плакат за фестивалот на македонската сатира

Со изведбата на претставата „Еци, пеци, Лец“ што стенд-ап комичарот Марјан Анѓеловски ја работеше на текстови на Станислав Јержи Лец, овој вторник, од 19 часот, свечено ќе бидат промовирани Сатиричниот театар „Сатир“ и првиот Фестивал на македонска сатира. Наедно на настанот што го потпишува Културниот центар и издаваштвото „Феникс“ од Скопје, на сатиричарот Васил Толевски ќе му биде доделена нововостановената награда „Македонски сатир“.

Не многу по вечерта посветена на легендарниот Софе Штерјоски, Културниот центар и издавачката куќа „Феникс“ од Скопје се јавуваат и како организатори на првиот Фестивал на македонска сатира на кој патем, со изведбата на претставата „Еци, пеци, Лец“ што стенд-ап комичарот Марјан Анѓеловски ја подготвил на текстови на славниот полски автор Станислав Јержи Лец, ќе биде промовиран и сатиричниот театар „Сатир“.
Немаме намера да правиме ефтини комерцијални претстави за развеселување на љубопитните граѓани во сеирџиска смисла, туку ангажирани претстави со текстови на автори како Станислав Лец, Душан Радовиќ, Софе Штерјоски.
Христо Петрески, писател, издавач и еден од иницијаторите за формирање на Сатиричниот театар „Сатир“


„Немаме намера да правиме ефтини комерцијални претстави за развеселување на љубопитните граѓани во сеирџиска смисла, туку ангажирани претстави со текстови на автори како Станислав Лец, Душан Радовиќ, Софе Штерјоски и други најистакнати македонски и светски творци бидејќи сатирата е висок уметнички и естетски чин, а не ефтина и лесна комерцијална забава“, вели Христо Петрески, писател, издавач и еден од иницијаторите за формирање на Сатиричниот театар „Сатир“ и првиот Фестивал на македонската сатира.

На манифестацијата по премиерната изведба на претставата е планирано да настапат повеќемина македонски истакнати сатиричари, а потем на Васил Толевски ќе му биде врачена нововостановената награда за сатирично творештво и посебни достигнувања на ова поле - „Македонски сатир“.
Христо Петрески
Христо Петрески
Оваа награда си има сопствена тежина затоа што се појавува во моментите кога сатирата во Македонија и на Балканот е под цврсти стеги.
Васил Толевски, сатиричар.


Роден 1956 година, Васил Толевски е машински инженер по професира и сатиричар по сопствен избор. Автор е на книгите: „Четири чекори до вистината“ (Студентски збор-Скопје, 1988), „Музика за глуви“ (самоиздание - Скопје, 2006), „Исусе, Луцифер не вика“ (Алма-Белград, 2007), „Македонијо, мајко, кој ми е татко?“ (Алма-Белград, 2010), „Библија за неверници“ (Макформ-Скопје, 2013) и други. Застапен е во голем број антологии, објавени во земјава и во странство и редовен учесник е на најголемите фестивали за хумор и сатира на Балканот. Неговите афоризми се преведени на германски, англиски, романски, полски, бугарски, италијански, шпански, словенечки и српски јазик, а за своето творештво Толевски добитник е на наградите: „13 Ноември“ (2008), „Радоје Домановиќ“ (2007), „Ин Виница веритас“ (1994), „Јежев хумор“ (1998), Златен прстен на „Денови на хуморот“ (2011), Златен круг на „Сатира фест“ (2012) ...и еве сега на „Македонски сатир“.

„Оваа награда си има сопствена тежина затоа што се појавува во моментите кога сатирата во Македонија и на Балканот е под цврсти стеги. Кога го велам ова не мислам на тоа дека се има големи проблеми во однос на тоа кој што и како напишал туку едноставно затоа што навистина се нема каде да се објави напишаното “, истакнува наградениот сатиричар, некогашен главен и одговорен уредник на Македонски остен и претседател на Здружението на хумористи и сатиричари Остенови.
Васил Толевски
Васил Толевски


Толевски дополнува дека со овој фестивал и настапите што ќе се случат на него македонските сатиричари добиваат една морална сатисфакција дека она што го творат сепак некаде имаат простор конечно и да го искажат. Тој појаснува дека ограниченоста на медимскиот простор доаѓа од оние кои нималку не ја разбираат сатирата добронамерно и всушност не ја поимаат како критизерска литература.

„Тежината на самата сатира е само да ги критизира негативностите на едно општество, да се појават некои нви ветришта, но сатиричарот ниту може да ја кутне владата, ниту нешто друго. Тој едноставно го искажува она што му лежи и тежи на душата. А можеби така промените и ќе се случат затоа што сето она што сатиричарот го кажува на глас, обичниот народ и го мисли“, вели Толевски.

Кон ова само уште информацијата дека на првиот Фестивал на сатира ќе бидат промовирани и новите сатирични изданија на книгоиздателството „Феникс“ („Неисчешлани мисли“ од Станислав Јержи Лец, “Јавни тајни“ од Софе Штерјоски и “Прирачник за менаџери“ од Ефраим Кишон), а организаторите се цврсто убедени дека семето што го посеаја ќе најде на плодна почва и дека манифестацијата ќе прерасне во традиционална, а во новопромовираниот театар „Сатир“ веќе ја подготвуваат и втората претстава која е базирана на афоризмите и текстовите на големиот белградски мислител и радио-водител Душко Радовиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG